Скопје се наоѓа на 23-то место според аерозагаденоста на светско ниво, и е трет по загаденост на воздухот во Европа по Сараево кое е на 11-то место и Приштина која е 20-та, покажува табелата на платформата „Ај кју аир“.
Нивото на штетните ПМ честитки измерени во 11:30 часот, изнесува 121 единици поради што не се препорачува излегување надвор на хронично болните и децата.
Пред два дена Скопје беше најзагаден град во светот, кога, според платформата „Ај кју аир“ во главниот град беа забележани 263 единици штетни честички.
Во меѓувреме, од Град Скопје денеска информираа дека се спроведуваат засилени инспекциски контроли и се изрекуваат казни и обвинуваат дека од 14 институции здолжени за животната средина, само тие се на терен. Заменичката министерка за животна средина Ане Лашкоска, пак, вчера кажа дека во сила се краткорочни и долгорочни мерки донесени од Владата и упати апел до општините и до сите надлежни институции да се вклучат во активностите за справување со загадувањето на воздухот. Таа побара и локалните самоуправи да ги пуштат на терен општинските инспектори, особено во малите и средните претпријатија, а не само во оние кои имаат А и Б интегрирана дозвола.
Од Град Скопје соопштија дека инспекторите од градскиот Инспекторат продолжуваат со засилениот инспекциски надзор на терен 24 часа, со цел намалување на аерозагадувањето и заштита на животната средина.
-Неселективно се изрекуваат казни за сите што не го почитуваат законот, ја загадуваат животната средина и го загрозуваат здравјето на граѓаните. Во изминатата година, Градот Скопје има изречено казни од 9 до 100 илјади евра за правни лица и соодветни казни против физички лица, кои се затекнати како креираат диви депонии, ги палат и го прекршуваат законот, соопштија денеска од Одделението за односи со јавноста при Град Скопје.
Посочија дека во услови на нотирано зголемено загадување на амбиенталниот воздух во Град Скопје, покрај Инспекторатот на Град Скопје, во градот има уште вкупно 14 институции што имаат надлежност и обврска да постапуваат при загадување на животната средина и загрозување на здравјето на граѓаните. -Меѓу кои, Министерството за животна средина, Министерството за внатрешни работи, Државниот инспекторат за животна средина, Државниот градежен инспекторат, инспекциските служби на десетте општини во Град Скопје, наведоа оттаму.
Во соопштението, воедно се наведува, дека досега единствено Градот Скопје секојдневно реагира, „додека останатите не постапуваат, иако за истото имаат законска обврска“.
– За време на изминатата недела инспекторите за животна средина на градот Скопје и комуналните инспектори имаат санкционирано со изречени казни над 20 сторители, а секоја недела во просек се изрекуваат помеѓу 20 и 30 санкции. Град Скопје во минатата година поднесе повеќе кривични пријави за исфрлање и согорување опасен отпад и загрозување на животната средина, за кривична одговорност против сторители затекнати како исфрлаат опасен отпад, азбестни плочи и друг градежен отпад, меѓу што и опасен канцероген отпад во зелен појас, со што се нагрдува градот и доведува во опасност на животот и здравјето на скопјани, појаснија од Град Скопје.
За жал и по повеќе од две години, како што се додава во соопштението, сѐ уште нема реакција од Обвинителството, по поднесената кривична пријава за „Усје“, „каде се измерени трипати повеќе ПМ10 честички што се испуштаат во атмосферата од дозволените, на метар кубен секој час, што како сериозни прекршувања, се спротивни на издадената А интегрирана еколошка лиценца, што ја издава Министерството за животна средина“.
– За загадувањето од котларата за загревање на цементарницата, утврдено е дека има надминување на граничните вредности на азотни оксиди NOx при што резултатите од мерењата покажале повеќе од двојно поголеми вредности од дозволените 350 милиграми, односно покажале 711,9 милиграми на метар кубен, се нагласува во соопштението на Градот.
Град Скопје со цел подобрување на квалитетот на воздухот, се истакнува, реализира конкретни мерки во текот на целата година, односно се доделуваат субвенции за инвертери, велосипеди, чистење оџаци, замена на азбестни кровови.
– Воедно се спроведуваат мерки за зголемена енергетска ефикасност, зголемени инспекциски контроли, нови зелени површини и појаси, нови велосипедски патеки. Со овие мерки и активности што Град Скопје континуирано ги реализира, се делува превентивно кон изворите на загадување на воздухот, што потекнуваат од сообраќајот и користење несоодветни енергенси. Секој месец организира еко-акции за садење дрвја и зазеленување нови површини во соработка со средните училишта на Град Скопје, со што се подига нивото на свесност кај младите за важноста на здравата животна средина, се подвлекува во соопштението.
Од Град Скопје потенцираа дека исто така се спроведува зачестено машинско чистење на улиците и пешачките површини во надлежност на Градот и нивно миење кога временските услови тоа го дозволуваат, согласно законските рокови.
Активно се контролира имплементацијата на одлуката и контролата на сообраќаен режим за тешки товарни возила, чија крајна дестинација не е Скопје, во координација со МВР – да се користи обиколницата. Потсетуваат дека Град Скопје аплицираше со свој проект и самостојно доби шест еколошки автобуси од Европската Унија, со цел подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух.
-Ниту ни донирало Министерство за животна средина, ниту ни помогнало, иако со истото се фалат, што е срам да го прикажуваат како единствена своја активност во шест месеци работа, се додава во соопштението до јавноста од град Скопје.
Заменичката-министерка за животна средина, Ане Лашкоска, при вчерашната посета на Прилеп изјави дека се спроведуваат засилени контроли кај производителите со интегрирани А и Б дозволи, во станиците за преглед на возилата, контрола на градежните активности, како и соработка со општините што мора преку Инспекторатот, да ги засилат контролите, како дел од мерките за намалување на загадувањето на воздухот.
Лашкоска нагласи дека пред околу два месеци се донесени сет краткорочни и долгорточни мерки во однос на загадувањето на воздухот. Краткорочните мерки, како што појасни, ќе бидат во сила сѐ додека трае грејната сезона. Тие мерки, според нејзе, се изработени заедно со министерствата за внатрешни работи, за транспорт и за економија и труд, со министерствата за здравство и за социјала, како и со општините и со Градот Скопје, „зашто само заедно може да се бориме со овој проблем“.
-Дел од мерките се засилени контроли на оние индустриски објекти, производители кои имаат А и Б интегрирана дозвола. Во овој период на овие големи производители им се препорачува да го намалат производството, меѓутоа да не го згаснат целосно, зашто при повторно вклучување на производството се предизвикувало уште поголемо загадување, а и загубите ќе бидат многу големи, посочи Лашкоска.
Дел од мерките, додаде таа, е и зголемена контрола на станиците за контрола на автомобилите, бидејќи било утврдено дека еден од големите загадувачи се автомобилите, особено на дизел гориво.
– Има методи и апарати што може да ги мерат овие издувни гасови, така што и таму преземаме засилена контрола. Големо загадување има онаму, каде се вршат градежни активности, па презедовме мерки, а мора да се започне и со контрола. Забрането е во периодот од 7:30 до 18:30 часот да се носат градежни машини на градилиштата. Последниве денови увидовме дека, каде што има градежни активности, не се почитуваат ниту препорачаните мерки, ниту пак мерките за загревање. Забележуваме дека сопствениците на тие градежни објекти, за да се топлат работниците, во буриња палат сѐ и сешто и на тој начин се зголемува загадувањето, рече Лашкоска.
Со општините се бара поголема соработка. Една од препораките, како што беше посочено, е често миење на улиците во овој период на грејна сезона, оти еден од показателите бил дека прашината е голем загадувач.
Малите и средните фирми биле едни од поголемите загадувачи, а и таму веќе се започнале инспекциски контроли.
– Упатувам апел до општините да ги пуштат на терен општинските инспектори, особено во малите и средните претпријатија, зашто не само оние кои имаат А и Б интегрирана дозвола, туку и оние што имаат одобрени елаборати од Министерството за животна средина, како разните работилници, преку отпадниот материјал го користат за греење и на тој начин се зголемува загадувањето. Ако не се почитуваат мерките, залудно е што се донесени, смета таа.
Најголемиот проблем за загадувањето, како што беше нагласено, греењето, во овој момент не можело да биде целосно решено. Владата има долгорочен план, беше истакнато, направен за периодот 2024 до 2030 годинa, што предвидува постепена промена на системите на греење, прво во државните и во општинските институции.
– Во меѓувреме имаме проект што е во тек во соработка со Европската унија од компонентата ИПА 3. Преку тој проект во Скопје дониравме шест еколошки автобуси, предвидено е менување на системите за греење на 70 државни институции во неколку градови. Но, залудни се акционите планови ако немаме поддршка и од општините, од сите институции и од сите инволвирани страни, подвлече Лашкоска.
Според Лашкоска, во овој критичен период мора да се води сметка и за состојбите во сообраќајот во градовите. Предвидено било да се воведува посебен сообраќаен режим во сите општини.
Општините со МВР требало да договорат тешките товарни возила да не врват во центрите на градовите, туку да одат по обиколен пат во одреден период кога тие ќе оценат.
-Повторно упатувам апел заедно да се бориме против ова зло, додаде Лашкоска при престојот во Прилеп на завршните работи на проект за урбанизација на канал.
Од политичката партија Левица денеска побараа разрешување на Меџити и веднаш да се прогласи кризна состојба. Побараа да се започне со масовна акција за борба против аерозагадувањето.
-Додека Скопје тоне во отровна магла и се наоѓа на врвот на светската листа на најзагадени градови, и оваа Влада, актуелно предводена од ДПМНЕ-ВРЕДИ-ЗНАМ, останува парализирана, неспособна и целосно незаинтересирана за животот на сопствениот народ! Ова е повеќе од негрижа – ова е геноцид спроведен со свесно игнорирање на состојбата која секоја година ‘нѐ посетува’ и убива, обвинуваат од Левица.
Според нив, вицепремиерот Изет Меџити кој како министер за животна средина треба да биде најистакнат чувар на нашето здравје и природа – го претворил Министерството во свој личен партиски штаб, а функцијата ја обавува исклучиво за промомоција на великоалбански агенди и етно-шовинистички проекти. Во меѓувреме, додаваат, илјадници граѓани умираат од канцерогениот воздух, од хронични болести и компликации поврзани со оваа катастрофа, притоа не познавајќи етничка припадност.
Следете не, не има насекаде