Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги пофали САД што вклучија оклопни возила за уништување тенкови во најновиот пакет помош од повеќе милијарди долари.
Зеленски рече дека тоа е „токму она што им е потребно“ на украинските војници кои се борат со руските сили, иако и двете страни денеска го слават православниот Божиќ.
Белата куќа вчера објави дека ќе испрати во Украина 3,75 милијарди долари оружје и друга опрема.
Најновиот пакет американска воена помош за Украина е досега најголемиот и за прв пат вклучува 50 оклопни возила Бредли и 500 противтенковски проектили.
Во телевизиско обраќање, Зеленски го поздрави пакетот помош од САД како „многу моќен“.
„За прв пат ќе добиеме оклопни возила Бредли – токму тоа е потребно. Нови пиштоли и куршуми, вклучително и високопрецизни, нови проектили, нови беспилотни летала. Тоа е навремено и моќно“, рече тој.
Украинските власти го осудија едностраниот 36-часовен прекин на огнот, нарекувајќи го потегот трик и дека некои руски војници ја игнорираат наредбата и продолжуваат да напаѓаат.
Руското Министерство за одбрана денеска инсистираше војниците долж линијата на фронтот долга 1.100 километри да го почитуваат прекинот на огнот нареден од Кремљ, но да возвратат кога ќе бидат нападнати.
Следете не, не има насекаде