Саудискиот клуб Ал-Хилал е подготвен да му понуди 300 милиони евра годишно на Лионел Меси за да го придобие да го облече нивниот дрес, објави шпанскиот весник „Мундо Депортиво“.
Аргентинецот на маса има понуда за тригодишен договор, што практично би го направил милијардер во тој период, а шпанскиот весник пишува дека таткото на Меси, Хорхе, пристигнал во главниот град на Саудиска Арабија да разговара за понудата на саудискиот клуб.
Доколку Меси ја прифати понудата на Ал Хилал, ќе заработи значително повеќе од Роналдо и ќе добие шанса уште еднаш да игра против својот голем ривал кој премина во редовите на Ал-Наср.
Договорот на Меси со ПСЖ истекува на крајот од оваа сезона, а парижаните сакаат да го продолжат договорот со својата ѕвезда на најмалку уште една година, но се уште не е договорена висината на платата што Меси треба да ја добива во тој период.
Во моментов на Ал Хилал му е забрането да доведува играчи до следниот преоден рок, што значи дека евентуалниот трансфер на Меси би можел да се реализира во лето.