Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, прашана дали има пријавени на новиот Јавен повик на Град Скопје за приватни автобуски превозници истакна дека никој не се пријавил на повикот.
– Доколку не се пријавиле тоа кажува многу што се однесува до овој повик. Град Скопје може и без приватни превозници, го организираме јавниот превоз, правиме реформа на јавниот превоз, ќе влеземе во процедура и за набавка на нови автобуси, на нови еколошки автобуси, нешто кое што е поддржано и од Советот на Градот Скопје за следната година и со самото тоа што беа повикани да се јават на огласот како превозници домашните правни лица и да си ја работат оваа работа ако сакаат чесно, а никој не се пријавил тоа кажува многу, истакна Арсовска.
На новинарско прашање околу неисплаќањето на долгот кон приватните превозници како можна причина за непријавувањето во повикот, таа рече дека Град Скопје нема никаков долг.
– Град Скопје издава дозвола за вршење на јавен превоз, овие лица го прекршија тој договор. Доколку сакале да работат чесно имале можност да се пријават. Тоа што не се пријавиле кажува се, додаде таа.
Рокот за пријавување на Јавниот повик за приватни автобуски превозници, кој беше отворен минатиот месец од страна на Град Скопје, истече пред два дена. Приватните превозници во многу изјави за време на протестите нагласуваа дека никој од нив нема да се пријави на овој јавен повик и бараат решение за нивната состојба и да им биде исплатен долгот, кој според приватните превозници, изнесува преку 90 милиони денари кон двете компании, односно „Макекспрес превоз” и „Слобода превоз”.
The post Арсовска: Скопје може и без приватни превозници appeared first on 24 Инфо.
Следете не, не има насекаде