Пекинг работи на пакет за поддршка во вредност од повеќе од трилион јуани (143 милијарди долари) за својата полупроводничка индустрија, изјавија три извори за Ројтерс.
Пакетот е чекор кон правење на производителот на чипови понезависен и реакција на забраната на САД за извоз на производи кои се користат во индустријата, чија цел е забавување на технолошкиот напредок на Кина.
Кина планира да го воведе она што ќе биде еден од нејзините најголеми фискални стимулативни пакети за пет години, главно преку субвенции и даночни кредити за да го поттикне производството на полупроводници и активностите за истражување дома, велат изворите.
Тоа сигнализира, како што очекуваа аналитичарите, подиректен пристап на Кина во обликувањето на иднината на индустријата, која стана геополитички „жежок компир“ поради зголемената побарувачка за чипс и на која Пекинг гледа како камен-темелник на својата технолошка моќ.
Планот би можел да биде имплементиран веќе во првиот квартал од следната година, изјавија два извори за Ројтерс под услов да останат анонимни.
Најголем дел од финансиската помош ќе биде искористена за субвенционирање на кинеските фирми за купување домашна опрема за полупроводници, главно погони за производство на полупроводници, рекоа тие. Таквите компании ќе имаат право на субвенција од 20 проценти за трошоците за набавка, велат изворите.
Планот за фискална поддршка беше откриен откако американското Министерство за трговија усвои широк сет на регулативи во октомври со кои, меѓу другото, може да се забрани пристапот до напредните чипови со вештачка интелигенција на истражувачките лаборатории и комерцијалните центри за податоци.
Соединетите Држави, исто така, лобираат некои од своите партнери, вклучително и Јапонија и Холандија, да го заостри извозот во Кина на опрема што се користи за производство на полупроводници.
Во август, американскиот претседател Џозеф Бајден потпиша значаен закон со кој се обезбедуваат грантови од 52,7 милијарди долари за производство и истражување на полупроводници во САД, како и околу 24 милијарди долари даночни кредити за фабриките за чипови.
Со стимулативниот пакет, Пекинг има за цел да ја засили поддршката за кинеските компании за чипови за изградба, проширување или модернизација на домашните производствени, монтажни, пакувања и капацитети за истражување и развој, велат изворите.
Последниот план на Пекинг вклучува и повластени даночни политики за полупроводничката индустрија во земјата.
Следете не, не има насекаде