Финансиска поддршка за спроведување на проектот Општина Кочани обезбеди преку програмата за спроведување мали проекти во областа на енергијата, транспортот и заштита на климата во општините, во рамки на проектот „ЕУ за енергетска транзиција: Пакт на градоначалници во Западен Балкан и Турција“.
-Очекуваме со реализацијата на проектот да се отстрани потребата од мануелно исклучување на јавното осветлување заради штедење на електрична енергија, бидејќи ќе се инсталира нова опрема што ќе ги покажува сите параметри за следење и контрола на потрошувачката на 69 места, односно електрични ормари. Меѓу другото, ќе се вгради и астрономски часовник кој ќе го контролира времето на вклучување и исклучување на јавното осветлување, во прецизни термини, во зависност од годишното време, истакна градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов.
Освен периодот на вклучување и исклучување на јавното осветлување, со опремата што ќе се вгради ќе се контролира и интензитетот на светлина во различни периоди од ноќта, што исто така ќе придонесе за намалување на потрошувачката на струја.
Активностите околу реализацијата на проектот се финансирани од фондовите на ЕУ и од Германското федерално министерство за економска соработка и развој – GIZ, кое ќе обезеди максимална поддршка до 50 илјади евра.
Општина Кочани треба да се вклучи со финансиско учество од буџетот за 2023 година во максимален износ од 20 отсто од вкупната сума на проектот. Сумата за кофинансирање ќе зависи од вредноста на проектот што ќе се договори со изведувачот, согласно Законот за јавни набавки.