септември 20, 2024

Постои можност за влез во Владата. Конкретна понуда нема, но ние сме во постојана комуникација. Гледате како е во Собранието. Мислам дека сме 60-60. Собранието не може да создаде мнозинство без помош на Алијансата. Ако не станеме дел од Владата, тогаш одиме на избори. Нема друго решение. Сепак, приоритет за нас се уставните измени и затоа сме спремни да станеме дел од Владата за да го помогнеме процесот, рече претседателот на Алијансата, Арбен Таравари.

Влегува или не Алијансата на Албанците во Влада?! Иако официјална понуда за тоа нема, веќе подолг период се разговара на оваа тема, потврдуваат политичките лидери од албанскиот блок. Претседателот на Алијансата , Арбен Таравари во понеделникот во телевизиско гостување изјави дека постои можност Алијанса за Албанците да стане дел од Владата, а ако тоа не се случи треба да се оди на избори.

Таравари остава простор за две опции, едната како што вели, по сугестија на меѓународниот фактор дека не е време за избори и дека за прогресот на државата важни се уставните измени, и доколку тоа го бара членството на АА тогаш веројатно ќе станат дел од Владата.

Друга опција, според него, е да се оди веднаш на избори.

– Постои можност за влез во Владата. Конкретна понуда нема, но ние сме во постојана комуникација. Гледате како е во Собранието. Мислам дека сме 60-60. Собранието не може да создаде мнозинство без помош на Алијансата. Ако не станеме дел од Владата, тогаш одиме на избори. Нема друго решение. Сепак, приоритет за нас се уставните измени и затоа сме спремни да станеме дел од Владата за да го помогнеме процесот, рече Таравари.

Обидот за влез на Алијансата во Владата, претседателот на ДУИ Али Ахмети го објаснува со проширување на мнозинство и создавање на алијанса за Европа.

-Мислам дека парламентарното мнозинство е стабилно, но има еден поопширен и поперспективен пристап, значи да се прошири тоа мнозинство и да се создаде една алијанса за Европа, изјави вчера Ахмети.

За него разговорите со Алијансата на албанците нема никаква врска со огнената група и стабилноста на парламентарното мнозинство во контекст на огнената група и пратениците од ДУИ.

Во однос на тоа дека со бунтот на „огнената“ група во ДУИ би можеле да се намалат пратениците од пратеничката група на интегративците односно на мнозинството, Ахмети тврди дека евентуалниот влез на нови партии не е поврзан со случувањата во неговата партија.

„Ова нема никаква врска со ‘огнената група’“, коментира Ахмети.

Пратеникот и потпретседател на интегративците, Изет Меџити, кој е дел од „огнената група“ во ДУИ која изрази незадоволство од состојбите во партијата и бара смена на министрите, пред сè на првиот вицепремиер Артан Груби, изминатиот викенд во интервју за РСЕ за евентуалниот влез на Алијанса за Албанците во Владата рече дека не држи аргументот дека се потребни повеќе пратеници за уставни измени, бидејќи и со оваа партија не се стигнува до потребното двотретинско мнозинство. Второ, според Меџити, тенденцијата за влез на Алијанса во Владата е да се замолчат „огнените“, како и членови на други партии „за тесни политички интереси, но во никоја случај за стратешка агенда“.

Ахмети е убеден во единството на ДУИ и во победа на следни избори. Смета дека тој има морално и национално право да повика на фронт за забрзување на патот кон ЕУ.

-ДУИ без дискутирање е победник на изборите. Се обидоа да ја победат ДУИ, но изгубија. Тогаш, ајде сите да размислиме малку и да ја надминеме гордоста и да видиме како ќе изградиме фронт за да го забрзаме патот кон ЕУ. И ако некој има морално и национално право да ја преземе оваа иницијатива, тоа сум јас, да ги поканам сите, бидејќи ова е најважниот момент да ги унапредиме нашите прашања, но и да ги подобриме нашите стандарди, рече Ахмети одговарајќи на новинарско прашање дали на ДУИ се плаши да оди сама на избори и дали тој се плаши од поделба на партијата.

Тој вчера за „огнената група“ изјави дека имаат погрешен пристап кога се обидуваат да го претстават како диктатор, спомнувајќи го Ким Џонг- Ун, лидерот на Северна Кореја. Ахмети е категоричен дека и покрај жестокиот судир со „огнените“ нема да исклучи никој од партијата.

„Не, никој досега не е исклучен од ДУИ. Тоа се мои пријатели, мои соработници, имаат многу погрешен пристап, анализите што ги прават, значи јас сум Ким Џонг-Ун како се вика овој Севернокореец. ДУИ е, мислам, една од најдемократските партии, најотворената на овие простори и ќе работиме уште понапорно да бидеме максимално транспарентни, така што ова нема врска со диктатура“ , изјави Ахмети.

ДУИ, без присуство на членовите на раководоството на т.н. огнена група во партијата вчера во Скопје ја одбележа 555 – годишнина од смртта на Скендербег, за кого Ахмети кажа дека е стратег и посебна историска личност важна за цела Европа.

Од ВМРО-ДПМНЕ вчера го прашаа Таравари кој е тој меѓународен фактор што бара Алијанса да влезе во Владата?

„Јавно прашуваме Таравари да каже кој е тој меѓународен фактор што бара Алијанса да влезе во Владата“, истакна Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Стоилковски додаде дека Таравари треба јасно и гласно да одговори на јавноста , а доколку не каже тоа значи дека има друга причина зошто сака да влезе во Владата. (В.М.Б.)

Вечер.Мк

The post Ахмети: Не сум Ким Џонг Ун, како се вика овој севернокореец! appeared first on Шило Магазин.

Следете не, не има насекаде

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Generated by Feedzy
mk_MK
mk_MK