Во рамките на програмата „Автор во фокус“, Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ – Прилеп и Факултетот за драмски уметности – Скопје утревечер (среда) во 20 часот на сцената на ФДУ, организираат разговор со Дејан Дуковски, еден од најзначајните современи македонски драмски автори и воедно еден од најизведуваните на театарската сцена во Европа и светот. Разговорот ќе го води проф. д-р Ана Стојаноска и директорка на МТФ „Војдан Чернорински“. Оваа активност е дел од програмата на 60. издание на фестивалот што годинава ќе се реализира од 5 до 12 јуни во Прилеп.
Дуковски дипломира на Факултетот за драмски уметности во Скопје во класата на Горан Стефановски. Уште од првите драмски текстови: „Балканска 3/a“ (1988), „Последниот балкански вампир“ (1989), „Силјан Штркот шанца“ (1991) и „Џинот и седумте џуџиња“ (1991), ја најавува својата препознатлива поетика. Неговото творештво ја носи во себе македонската драмска традиција, но истовремено ја преиспитува и ја трансформира, создавајќи моќен и автентичен театарски јазик кој директно комуницира со времето во кое живееме.
Проф. д-р Ана Стојаноска за Дејан Дуковски вели дека тој не пишува само драмски текстови – туку претстави. Кај него драмата се одвива веќе во самиот текст, како да се случува на сцена, што ги прави неговите дела живи, динамични и силно поврзани со актерската игра и режисерската визија. Неговите драми се создаваат во дијалог со театарот, со режисерите и со публиката, а токму затоа тие постојано добиваат нови верзии и нови сценски животи. Од „Балканот не е мртов“ и „Буре барут“, до „Маме му ебам кој прв почна“, „Друга страна“ и „Утерус“, драмите на Дуковски создаваат специфична театарска текстура исполнета со цитати, иронија, балканска стварност и силен општествен коментар.
Со својата фрагментарна драматургија, со својот брутално искрен и провокативен стил, Дуковски не само што ја обележува современата македонска драма, туку и го најавува новиот европски бран познат под синтагмата „in yer face“ или „драма на крв, сперма и пот“. Разговорот со Дејан Дуковски е можност одблизу да се запознаеме со авторот чии драми повеќе од три децении го обликуваат современиот театарски јазик.
The post Разговори со Дејан Дуковски, автор во фокус на МТФ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп appeared first on info.mk.
Следете не, не има насекаде
