Соопштение на Левица:
Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, и градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити, деновиве означија почетокот на реконструкцијата на улици во Старата скопска чаршија. Реконструкцијата повторно се пласира како „зачувување на автентичноста”, но самата динамика на овие интервенции отвора сериозни сомнежи. Ако навистина станува збор за простор што со децении бил занемарен, тогаш зошто во релативно кратки интервали се вршат нови „реставрации”? Ова укажува или на претходно нестручно изведени зафати, или на континуирано користење на чаршијата како полигон за ад-хок урбанистички експерименти, наместо како заштитено културно наследство со јасна и долгорочна стратегија.
Особено проблематичен е наративот дека со поставување травертин се „зачувува” калдрмата. Калдрмата не е само материјал, туку историски слој, резултат на органски развој и занаетчиска традиција. Нејзиното заменување со индустриски обработен камен претставува естетска симулација, а не реставрација. Наместо конзервација, се добива сценографија и стерилен, туристички прилагоден амбиент кој ја губи автентичната текстура и функција на просторот.
Дополнително, ова не е изолиран случај, туку продолжение на подолг тренд на интервенции што го редефинираат историското јадро на Скопје без суштинска јавна дебата. Интервенциите околу бескорисниот Плоштад Скендербег (чиј бетон веќе се распаѓа) веќе покажаа како со агресивен урбан дизајн може трајно да се наруши визуелниот и културниот контекст на чаршијата. Наместо учење од тие грешки, актуелната власт продолжува со истата логика: брзи, видливи, но концептуално плитки зафати што повеќе служат за политичка промоција отколку за вистинска заштита.
На крајот, клучното прашање останува: дали се инвестира во одржување на културното наследство, или во негово постепено бришење под превезот на „модернизација”? Кога автентичноста се сведува на декоративен елемент, а интервенциите се повторуваат без јасна одговорност за претходните, тогаш станува очигледно дека станува збор за политика на континуирано преуредување без визија, а на штета на историскиот идентитет на градот.
Следете не, не има насекаде
