Коалицијата ВЛЕН излезе со остри обвинувања кон ДУИ, обвинувајќи ја дека и покрај долгогодишното управување со Министерството за правда, не успеала да обезбеди полагање на правосудниот испит на албански јазик.
Во реакцијата се наведува дека низ годините Министерството за правда било раководено од повеќе албански министри – Блерим Беџети, Аднан Јашари, Валдет Џафери, Билен Салиу и Кренар Лога – но, како што тврдат од ВЛЕН, ниту еден од нив не презел конкретни чекори за решавање на ова прашање. Според нив, и покрај пет мандати и можности, албанските студенти останале без можност да го полагаат правосудниот испит на мајчин јазик.
Дополнително, од коалицијата посочуваат на документ потпишан од Талат Џафери, за кој тврдат дека ја потврдува, како што велат, институционалната исклученост на албанскиот јазик од правосудниот испит. Тие потенцираат дека законот бил донесен со таканареченото „Бадентерово мнозинство“, односно со поддршка и на пратеници Албанци во тоа време.
ВЛЕН обвинува дека ваквите одлуки ја разоткриваат, како што велат, двојната политика на ДУИ, која јавно се претставува како заштитник на албанските интереси, но во институциите носи одлуки спротивни на тие интереси.
Во соопштението се нагласува дека не недостасувале ниту позиции, ниту гласови, ниту време за решавање на проблемот, туку, според нив, недостасувала политичка волја. Од ВЛЕН додаваат дека ова прашање повторно ја отвора дебатата за правата на Албанците во правосудниот систем и за одговорноста на политичките субјекти кои биле дел од власта во изминатите години.
The post Скандалозни тврдења: ВЛЕН обвинува дека ДУИ гласала против албанскиот јазик за полагање правосуден испит appeared first on info.mk.
Следете не, не има насекаде
