Управата за јавни приходи (УЈП) ги повика сите граѓани и компании кои сè уште не ги подмириле обврските по основ на даноците за 2025 година, тоа да го сторат без одлагање, предупредувајќи дека во спротивно ќе се соочат со сериозни финансиски последици, вклучително и камати, блокирање сметки и присилна наплата.
Рокот за плаќање на разликите по годишните даночни биланси истече на 16 април, а од УЈП потенцираат дека секое доцнење директно го зголемува долгот поради пресметка на камата, но и отвора можност за активирање на мерки како присилна наплата и дополнителни административни трошоци. Според институцијата, навременото исполнување на обврските е клучно за стабилноста на јавните финансии и непреченото функционирање на јавните услуги.
Податоците покажуваат дека од вкупно 19.550 поднесени даночни биланси за данок на добивка, данок на вкупен приход и данок на личен доход кај вршителите на дејност, досега 10.252 обврзници ја извршиле својата уплата, што според УЈП укажува на солидно ниво на даночна дисциплина, но и на значителен број на должници кои допрва треба да ги регулираат обврските.
Од УЈП информираат дека веќе се испраќаат персонализирани известувања до фирмите и самостојните вршители на дејност кои имаат заостанати долгови, со јасен повик за итно плаќање за да се избегнат дополнителни трошоци. Во спротивно, како што нагласуваат, ќе следува присилна наплата, која може да вклучи еднократни такси и банкарски трошоци што дополнително ќе го зголемат вкупниот долг и ќе влијаат врз ликвидноста на работењето.
Сепак, институцијата посочува дека постојат и повеќе начини за намирување на обврските, меѓу кои уплата од трето лице, пребивање со даночни побарувања, како и можност за плаќање на рати согласно законските услови.
Од УЈП апелираат граѓаните и компаниите навремено да ги регулираат своите обврски за да избегнат финансиски последици и дополнителен притисок врз нивниот буџет.
The post УЈП со предупредување: истече рокот за данок за 2025, следуваат камати и блокирање сметки appeared first on info.mk.
Следете не, не има насекаде
