Турскиот парламент во среда вечерта донесе закон со кој се забранува користењето на социјалните медиуми од страна на деца под 15 години, објави турската новинска агенција Анадолија.
Лицата под 15 години нема да можат да отвораат профили на социјалните медиуми, а дигиталните платформи ќе мора да имплементираат системи за проверка на возраста, објави турскиот новински канал НТВ.
Родителите ќе имаат алатки за контрола на времето поминато пред екран, а во „итни случаи“ главните платформи на социјалните медиуми ќе мора да интервенираат во рок од еден час од ширењето на штетна содржина, додаде НТВ. Законот стапува на сила шест месеци откако ќе биде објавен во службеното гласило, објави Анадолија.
Дебата во Европа
Неколку земји дискутираат за забрана на пристапот до социјалните медиуми од страна на деца под 15 години. Францускиот претседател Емануел Макрон минатата недела ги повика младите да имаат месечен „ден без интернет“ за да можат повторно да го откријат читањето или спортот, или „виталноста на реалниот живот“, пред европскиот „координативен“ состанок за забрана на социјалните медиуми за лица под 15 години, објави АФП.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и лидерите на 12 членки на ЕУ – Германија, Австрија, Кипар, Шпанија, Грција, Ирска, Италија, Холандија, Полска, Португалија, Чешка и Словенија – разговараа за слично ограничување на пристапот на децата до социјалните медиуми минатата недела.
The post Турција ги забранува социјалните мрежи за лица под 15 години appeared first on info.mk.
Следете не, не има насекаде
