Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, преку објава на фејсбук информираше дека мостот „Генерал Михајло Апостолски“, кој со години беше симбол на застој и нерешени проблеми, конечно ќе биде ставен во функција. Во статусот упатен до граѓаните, тој посочи дека мостот, кој го поврзува Скопје меѓу општините Аеродром и Гази Баба, повеќе нема да биде „мост кој не води никаде“, туку ќе стане реална сообраќајна врска во служба на граѓаните.
Ѓорѓиевски нагласи дека по години одолговлекување и административни пречки, завршени се експропријациите кои биле главната причина за блокадата на проектот. Во наредните 60 дена се очекува да се воспостави целосен сообраќаен проток, по завршување на подготвителните активности, документацијата и процесот на преселување на жителите од објектите на трасата.
Тој изрази благодарност до граѓаните кои биле дел од процесот, потенцирајќи дека со нивниот пристап и разбирање е овозможено конечно решавање на проблемот. Воедно, им се заблагодари и на соработниците Бобан Стефковски и Дејан Митески за поддршката во реализацијата.
Градоначалникот потсети дека ветил решавање на овој проект во рок од четири години, но според него, со засилена динамика и ангажман, проблемот се решава за само шест месеци од неговиот мандат. Како дел од пошироките активности, тој наведе дека во истиот период се откочени и други значајни инфраструктурни проекти како „Момин Поток“, булеварот „Борис Трајковски“, мостот на „Љубљанска“ и булевар „Македонија“.
„Ова е разликата кога има волја и кога зборот даден пред граѓаните станува обврска“, порача Ѓорѓиевски, додавајќи дека реализацијата на овие проекти е резултат на континуирана работа и поддршка од граѓаните, со цел создавање на функционално и модерно Скопје.
Следете не, не има насекаде
