Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, во видео обраќање истакна дека и покрај предизвиците со старата инфраструктура во градот, локалната самоуправа интензивно работи на подобрување на уличната мрежа и веќе се реализирани значајни проекти.
Тој посочи дека Битола е град со старо градско јадро и инфраструктура стара повеќе од 70 години, а голем дел од улиците со децении не биле реконструирани.
„Иако сме свесни дека сè уште имаме многу предизвици во делот на уличната инфраструктура, сепак бележиме успех со изградени и реконструирани 53 километри патна инфраструктура, како во руралниот, така и во урбаниот дел на општината“, истакна Коњановски.
Како една од позначајните инвестиции ја посочи улицата „Крушевска Република“, чија реализација била заглавена со години.
„По преземањето на локалната власт во претходниот мандат, ја завршивме оваа улица. Станува збор за 490 метри модерна и важна сообраќајница која ги поврзува улиците во поранешната касарна и го релаксира сообраќајот на улицата „Партизанска“. За оваа инвестиција беа вложени над 12 милиони денари“, рече Коњановски.
Тој ги издвои и реконструкциите на улиците „Стив Наумов“ и „Бурса“.
На улицата „Стив Наумов“ е извршена реконструкција на над 2 километри патна мрежа, при што биле обновени и водоводната и канализационата мрежа, со инвестиција од над 51 милион денари.
За улицата „Бурса“, долга повеќе од 2 километри, биле инвестирани 37 милиони денари, средства обезбедени преку Светска банка.
Во тек е и реконструкцијата на булеварскиот влез во Битола, односно улицата „8 Септември“, каде што се работи на доградба на коловозот во должина од 840 метри, како и на целосна комунална инфраструктура, пешачки и велосипедски патеки.
Коњановски најави дека во наредниот период ќе продолжат реконструкциите на повеќе локации низ градот, со цел подобрување на сообраќајната комуникација во Битола.
The post (ВИДЕО) Коњановски: Изградени и обновени 53 километри патишта и инфраструктура низ Битола appeared first on info.mk.
Следете не, не има насекаде
