Седењето со прекрстени нозе за многумина е сосема нормална и удобна положба, но лекарите предупредуваат дека оваа навика може да остави сериозни последици врз телото доколку се практикува со часови секој ден. Според експертите, проблемот не е само во држењето на телото, туку и во тоа што организмот подолг период останува во неприродна позиција.
Лекарката и експерт за физикална терапија д-р Судха Џоши објаснува дека при седење со прекрстени нозе едниот колк ротира, додека другиот останува во понеутрална положба. Тоа создава нерамнотежа во карлицата, колковите и долниот дел од ‘рбетот, поради што едната страна од телото трпи поголем притисок од другата.
Според неа, токму оваа нерамномерна распределба на тежината може постепено да доведе до затегнатост на мускулите околу колковите, болки во долниот дел од грбот и чувство на непријатност кое луѓето често не го поврзуваат со начинот на седење.
Освен влијанието врз ‘рбетот и мускулите, прекрстувањето на нозете може да влијае и врз циркулацијата. Кога ногата е поставена преку коленото, се создава притисок врз вените во потколеницата, што може привремено да го зголеми крвниот притисок и да го забави нормалниот проток на крв.
Лекарите предупредуваат дека ова е особено важно за луѓето кои веќе имаат проблеми со циркулацијата, проширени вени или висок крвен притисок. Долготрајното мирување во иста позиција дополнително го оптоварува организмот и може да предизвика чувство на тежина и вкочанетост во нозете.
Како поздрава алтернатива, експертите советуваат при седење двете стапала да бидат рамно поставени на подот, колената да бидат во линија со колковите или малку пониско, а долниот дел од грбот да има лесна потпора.
Сепак, најважниот совет не е да се бара „совршена“ положба, туку телото редовно да се движи. Дури и кратко станување, истегнување или промена на позицијата на секои 30 до 40 минути може значително да помогне.
Според д-р Џоши, најголемиот проблем не е самото седење со прекрстени нозе, туку долгото останување во иста положба. Кога телото не се движи доволно, мускулите се заморуваат, циркулацијата се забавува, а зглобовите не ја добиваат потребната активност за да останат здрави.
The post Докторка советува: престанете да седите вака ако сакате подобра циркулација и помалку болки во грбот appeared first on info.mk.
Следете не, не има насекаде
