Во основното училиште „Стив Наумов“ во Битола, за време на наставата ќе има постојано присуство и мониторинг од полициски службеници во цивилна облека. Мерката е воведена по барање на Училишниот одбор, кој одржа вонредна седница поради случај со ученик од седмо одделение.
Според информациите, ученикот објавил недолични и заканувачки пораки на социјалните мрежи упатени кон соученици и нивните родители, што предизвикало вознемиреност кај дел од родителите, објави 4news.mk.
Од Училишниот одбор апелираат дека нема место за паника и дека безбедноста на учениците е целосно под контрола. Институциите, како што наведуваат, постапуваат согласно своите надлежности со цел непречено одвивање на наставата и заштита на сите ученици и вработени.
Училиштето информира дека веќе се преземени сите потребни чекори согласно Законот за основно образование, а надлежните органи се навремено известени за случајот. Во процесот се вклучени Центарот за социјални работи, СВР Битола и образовните институции, како и стручните служби во самото училиште.
Според училиштето, настанот се случил надвор од наставниот процес. Ученикот претходно бил преместен во друго одделение со цел подобра адаптација, но поради несогласувања со новите соученици се појавиле реакции од родителите.
По родителски состанок одржан пред неколку дена, дел од родителите побарале ученикот да биде преместен, по што дополнително се појавиле нови вознемирувачки објави на социјалните мрежи, кои дополнително ја зголемиле загриженоста.
Директорот на училиштето, Никола Пискачев, истакна дека сите содржини се објавени надвор од училиштето и надвор од наставниот процес, но случајот е пријавен до надлежните институции за целосно расчистување.
Од Обвинителството, во соработка со Центарот за социјални работи, ги проверуваат сите наводи поврзани со случајот.
Следете не, не има насекаде
