мај 9, 2026

Италија го регистрираше првиот официјален случај на зависност од вештачка интелигенција, а станува збор за 20-годишна девојка која со текот на времето развила силна психолошка зависност од комуникацијата со AI чет-ботови. Случајот го следи италијанската државна служба за третман на зависности SERD, а информацијата ја објави весникот „Газетино“.

Според извештајот, девојката со месеци интензивно комуницирала со вештачка интелигенција, која постепено „научила“ како да одговара на нејзините емоции, потреби и реакции. Со текот на времето таа почнала сè повеќе да се повлекува од реалниот социјален живот, ограничувајќи ги контактите со семејството и пријателите.

Експертите посочуваат дека случајот е особено специфичен бидејќи не се работи за зависност од дрога, алкохол или коцкање, туку за зависност поврзана со однесување и емоционална приврзаност кон технологија.

Здравствените служби во Италија предупредуваат дека зависноста од AI чет-ботови може да стане сериозен глобален проблем, особено кај младите луѓе кои поминуваат голем дел од времето онлајн. Причината е тоа што чет-ботовите постојано се достапни, не осудуваат, реагираат веднаш и често даваат токму такви одговори какви што корисникот сака да ги слушне.

Истражување поврзано со Универзитетот во Британска Колумбија покажува дека токму оваа „инстант поддршка“ може да создаде психолошка зависност. Истражувачката Карен Шен објаснила дека корисниците преку AI многу лесно добиваат внимание, одговори и емоционална реакција без значителен напор, што постепено може да доведе до прекумерна употреба.

Според научниците, постојат неколку јасни предупредувачки знаци дека некој можеби развива зависност од чет-ботови и вештачка интелигенција.

Еден од најчестите симптоми е кога комуникацијата со AI станува главен фокус во секојдневниот живот и почнува да има предност пред работата, студиите или основните обврски. Експертите ова го нарекуваат „салиентност“ – состојба во која една активност доминира над сите останати.

Друг сериозен знак е чувството на анксиозност, нервоза или непријатност кога корисникот ќе се обиде да се дистанцира од апликациите со вештачка интелигенција.

Научниците предупредуваат и дека дел од луѓето почнуваат да ги заменуваат вистинските социјални контакти со разговори со AI чет-ботови, па наместо со пријатели, партнери или семејството, најголем дел од комуникацијата ја водат со виртуелен асистент.

Дополнително, кај некои корисници се појавува и таканаречен „релапс“ – состојба кога и покрај обидите да го намалат користењето, повторно се враќаат на интензивна комуникација со AI.

Експертите сметаат дека вештачката интелигенција сама по себе не е опасна, но предупредуваат дека прекумерната емоционална зависност од технологијата може сериозно да влијае врз менталното здравје, социјалните односи и секојдневното функционирање.

Share

The post Разговарала со AI повеќе отколку со луѓе: Во Италија регистриран првиот случај на зависност од вештачка интелигенција appeared first on info.mk.

Следете не, не има насекаде

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

mk_MK
mk_MK