мај 12, 2026

Поранешниот градоначалник на Општина Карпош Стевче Јакимовски во гостувањето на 4ТВ упати серија остри критики и обвинувања кон актуелното раководство на општината, оценувајќи дека состојбата во Карпош е „неодржлива“ и „невидена во историјата на Македонија“.

Според Јакимовски, актуелниот статус на првиот човек на општината е само формален и институцијата практично не функционира со полн капацитет.

„Ова е чист срам. Актуелниот градоначалник е поставен само за да потпишува средства на жиросметка. Тој нема овластувања да распишува тендери, да нарачува проекти, ниту да менаџира со вработените. Дури и ревизорите и правниците велат дека ваква ситуација досега немало во Македонија“, изјави Јакимовски.

Тој обвини дека актуелната локална власт не успева да управува со општината и дека клучните процеси се блокирани, што директно се одразува врз секојдневниот живот на граѓаните.

Јакимовски жестоко ја критикуваше и политичката позадина на промената на власта во Карпош, тврдејќи дека изборната победа на ВМРО-ДПМНЕ не била резултат на реална поддршка, туку на манипулации и притисоци.

„Четири години опструираа сè – од буџети до програми за вработување. На крајот, на нечесен начин, со затрупување на општината во ѓубре пред изборите, ја зедоа власта за сега да се однесуваат како ‘Алиса во земјата на чудата’“, рече поранешниот градоначалник.

Во разговорот тој изрази незадоволство што, како што тврди, капиталните проекти реализирани во негово време денес пропаѓаат поради негрижа.

Како пример го наведе системот за современо улично осветлување во кој, според него, биле вложени над 1,6 милиони евра.

„Платив 1.650.000 евра за комплетно осветлување со софтвер кој во секоја секунда покажува која светилка работи, а која не. Денес слушам граѓани како се жалат на темни улици и преполни контејнери. Општина Карпош не заслужила ваков однос и тактизирање со лажни боледувања“, изјави Јакимовски.

Тој порача дека единствено чесно решение кон граѓаните е да се стави крај на, како што ја нарече, „агонијата“ и да се организираат нови локални избори.

Според него, актуелната состојба не само што ја уназадува општината, туку го нарушува и кредибилитетот на политичката партија која раководи со Карпош.

Следете не, не има насекаде

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

mk_MK
mk_MK