мај 13, 2026

Деми Мур смета дека вештачката интелигенција нема да може да ја замени вистинската уметност, без разлика колку технологијата напредува. Холивудската актерка се осврна на растечката дебата околу употребата на вештачка интелигенција во филмската индустрија за време на Канскиот филмски фестивал, каде оваа година е член на жирито.

Деми Мур порача дека вештачката интелигенција веќе е дел од современиот свет и дека борбата против неа е бесмислена, но нагласи дека постојат граници кои технологијата никогаш нема да може да ги помине.

„Вештачката интелигенција е тука и борбата против неа е битка што ќе ја изгубиме. Многу поважно е да најдеме начин како да работиме со неа. Постојат убави аспекти во користењето на вештачката интелигенција, но немаме од што да се плашиме, бидејќи таа никогаш нема да може да го замени она од каде доаѓа вистинската уметност“, изјави актерката.

Според неа, вистинската креативност и емоција не можат да бидат создадени од алгоритми или машини.

„Вистинската уметност доаѓа од душата. Тоа е духот што секој човек го носи во себе и го создава секој ден“, порача Мур.

Актерката оваа година е дел од жирито на Канскиот филмски фестивал заедно со Рут Нега, Исак де Банкол, Стелан Скарсгард, како и режисерите Парк Чан-вук, Пол Лаверти, Клое Жао и Диего Сеспедес.

На темата за вештачката интелигенција се надоврза и сценаристот Пол Лаверти, кој предупреди дека индустријата мора сериозно да размисли кој ги контролира и поседува системите со вештачка интелигенција.

„Неверојатно е што тие ги развиваат овие технологии, а потоа очекуваат целиот свет едноставно да ги прифати без да размислува за последиците“, изјави Лаверти.

Дебатата за улогата на вештачката интелигенција во Холивуд станува сè погласна, особено поради стравувањата дека дел од работните места во филмската индустрија би можеле да бидат заменети со автоматизирани системи, дигитални актери и алгоритми за создавање сценарија.

Сепак, според Деми Мур, технологијата може да помогне во процесот на создавање, но никогаш нема да може да ја замени човечката емоција, искуството и душата што стојат зад вистинската уметност.

Share

The post Деми Мур: Вештачката интелигенција може да помогне, но никогаш нема да создаде вистинска уметност appeared first on info.mk.

Следете не, не има насекаде

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

mk_MK
mk_MK