Град Скопје и Националниот демократски институт (НДИ) денеска потпишаа Меморандум за соработка во рамки на проектот „Зајакнување на отпорноста на општините од корупцијата – Заедници со интегритет”, со што се продлабочува институционалната соработка насочена кон унапредување на интегритетот, транспарентноста и отчетноста во локалната самоуправа.
Меморандумот беше потпишан од Градоначалникот на Град Скопје и директорот на НДИ, Роберт Скот Хејзлет, а предвидува реализација на конкретни активности за навремено препознавање, намалување и спречување на ризиците од корупција во градската администрација.
Со оваа соработка, Град Скопје ќе добие експертска и техничка поддршка за развој и унапредување на внатрешните процедури и механизми за превенција од корупција, како и поддршка за јакнење на капацитетите на администрацијата преку специјализирани програми за обука.
Од Град Скопје посочуваат дека целта е создавање поефикасна, потранспарентна и поодговорна администрација, која навремено ќе ги препознава, спречува и пријавува коруптивните практики, во интерес на граѓаните.
Во рамки на меморандумот, предвидени се и активности за унапредување на транспарентноста преку објавување јавни информации и податоци, како и процеси за дигитализација на услугите, со што ќе се зголеми ефикасноста и достапноста на услугите за граѓаните, а истовремено ќе се намалат можностите за коруптивни ризици.
Соработката опфаќа и координација со другите општини, надлежните институции, граѓанскиот сектор и медиумите, со цел воспоставување посилен систем на интегритет и одговорност на локално и национално ниво.
Од Град Скопје упатија благодарност до НДИ, како и до Швајцарската конфедерација и Шведска за поддршката на проектот, истакнувајќи дека остануваат посветени на градење чесна, отчетна и модерна локална самоуправа.
Следете не, не има насекаде
