Идентификувано е и четвртото лице кое загина во тешката сообраќајна несреќа што ноќеска се случи на скопската обиколница, кај клучката Мирковци. Станува збор за 20-годишниот М.Ѓ. од Скопје, кој бил во автомобилот „БМВ“ заедно со Ристе Велков, неговиот син Адам Велков и уште еден 20-годишен сопатник.
Според досегашните информации, несреќата се случила околу 23 часот на делницата меѓу надвозникот Визбегово и клучката Мирковци. Седумдесет и шестгодишниот возач на товарно возило „ман“ со полуприколка, со косовски национални ознаки, изгубил контрола над камионот, ја пробил металната ограда и преминал во спротивната насока на автопатот. Таму директно се судрил со патничкото возило „БМВ“ со скопски регистарски ознаки.
По судирот избувнал пожар во двете возила. Патничкото возило и кабината на камионот целосно изгореле, а пожарот го изгаснала екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје. Смртта на четворицата патници во автомобилот била констатирана на местото на несреќата.
Според информации од терен што ги објави Скопје1, камионот пробил две заштитни огради, откорнал улично осветлување и потоа завршил во провалија. Иако кабината на камионот изгорела, возачот успеал да излезе од возилото и да се спаси.
Возачот на камионот е лишен од слобода и задржан во полициска станица. По наредба на јавен обвинител, телата на загинатите се предадени на обдукција, а истрагата треба да утврди како дошло до губење на контролата врз товарното возило и до несреќата во која згаснаа четири животи.
Следете не, не има насекаде
