Семејната драма меѓу холивудските ѕвезди Бред Пит и Анџелина Џоли доби ново продолжение, откако нивниот најстар син Медокс и официјално побарал да се откаже од презимето на својот татко.
Според информациите објавени од американските медиуми, 24-годишниот Медокс поднел барање за законска промена на името и отсега ќе се вика Медокс Чиван Џоли, без додавката „Пит“. Како причина за промената навел само дека станува збор за „лични причини“.
Овој потег не е изненадување за јавноста, бидејќи Медокс веќе подолго време не го користи презимето на татко му. Во февруари годинава, во одјавната шпица на филмот „Кутур“, каде што неговата мајка е продуцент, тој бил потпишан само како Медокс Џоли.
Со ова, Медокс станува уште едно од децата на поранешниот холивудски пар кое јавно се дистанцирало од презимето Пит. Минатата година нивната ќерка Шајло законски го промени своето име од Шајло Нувел Џоли-Пит во Шајло Џоли, веднаш по својот 18-ти роденден.
Сличен чекор претходно направија и сестрите Захара и Вивиен. Захара за време на својата дипломска церемонија се претставила како Захара Марли Џоли, додека Вивиен минатата година била заведена како Вивиен Џоли во продукцискиот тим на бродвејскиот мјузикл „Аутсајдерс“.
Бред Пит и Анџелина Џоли имаат шест деца – Медокс, Пакс, Захара, Шајло и близнаците Нокс и Вивиен. Иако се венчаа во 2014 година, нивниот брак заврши со развод во 2019 година, по долг и турбулентен судски процес.
Прекинот на нивната врска следуваше по инцидент што се случил за време на приватен лет во 2016 година. Во судски документи поднесени во 2022 година, Џоли тврдеше дека Пит за време на летот физички и вербално ја нападнал неа и нивните деца, како и дека дошло до конфликт со тогаш 15-годишниот Медокс.
Пит категорично ги негираше овие обвинувања, а по истрагата што ја спроведе Федералното истражно биро на САД не беа покренати обвиненија против актерот.
Американските медиуми со години пишуваат дека односите меѓу Пит и неговите постари деца се сериозно нарушени. Извори блиски до семејството претходно изјавија дека актерот речиси нема контакт со возрасните деца, додека комуникацијата со помладите членови на семејството е ограничена.
Од друга страна, лица блиски до Бред Пит тврдат дека актерот и натаму се надева на помирување и верува дека со текот на времето ќе успее повторно да изгради поблиски односи со своите деца.
Одлуката на Медокс да се откаже од презимето Пит се смета за најнов показател дека семејните поделби во едно од најпознатите холивудски семејства сè уште не се надминати.
The post Семејниот јаз станува подлабок: Медокс повеќе не сака да го носи презимето на Бред Пит appeared first on info.mk.
Следете не, не има насекаде
