мај 29, 2026

Повеќе од 14.500 средношколци во државата од идната сабота ќе го започнат полагањето на матурските испити за учебната 2025/2026 година. Според податоците на Државниот испитен центар (ДИЦ), годинава за полагање се пријавени вкупно 14.587 ученици, кои ќе полагаат државна матура, државна стручна матура или државна уметничка матура.

Од вкупниот број пријавени кандидати, 12.184 ќе полагаат државна матура, 2.276 ученици се пријавени за државна стручна матура, додека 127 кандидати ќе полагаат државна уметничка матура.

Полагањето на екстерните испити започнува на 6 јуни во 9 часот со изборниот предмет. Учениците кои полагаат државна матура ќе избираат помеѓу странски јазик и математика, кандидатите за државна стручна матура ќе полагаат англиски јазик или математика, додека за државната уметничка матура изборот е помеѓу англиски јазик и историја.

Најголем интерес и оваа година има за англискиот јазик. Според податоците на ДИЦ, за овој предмет се пријавени вкупно 13.208 кандидати, од кои 11.017 се ученици што полагаат државна матура, 2.107 државна стручна матура и 84 државна уметничка матура.

За тестот по математика се пријавени 1.173 кандидати, додека историја ќе полагаат 38 ученици од уметничките училишта. Дополнително, како изборни предмети за државна матура се пријавени и француски јазик со 20 кандидати, германски јазик со 52 кандидати, руски јазик со седум кандидати и италијански јазик со двајца ученици.

Задолжителниот екстерен испит по мајчин јазик и литература ќе се полага на 11 и 12 јуни. На 11 јуни испитот ќе го полагаат учениците кои се пријавени за државна матура, а на 12 јуни кандидатите за државна стручна и државна уметничка матура.

Македонски јазик и литература ќе полагаат 9.810 ученици, албански јазик и литература 4.199 кандидати, турски јазик и литература 360 ученици, додека српски јазик и литература ќе полагаат пет кандидати.

Директорката на Државниот испитен центар, Даниела Јовчевска-Михајловска, изјави дека подготовките за спроведување на матурските испити се одвиваат според утврдената динамика и дека целта е сите ученици да имаат еднакви услови и фер полагање.

Според неа, годинава се изработени посебни тестови за секој вид матура во согласност со новата Концепција за испитите на крајот од средното образование, што претставува дополнителен организациски предизвик, но институцијата е целосно подготвена за негово спроведување.

Како и претходните години, дел од учениците ќе ги полагаат испитите во амфитеатрите на факултетите поради недостиг на соодветни просторни услови во училиштата, додека останатите ќе полагаат во спортски сали, аули и холови во своите училишта.

Во просториите каде што ќе се спроведуваат испитите ќе биде строго забрането користење мобилни телефони и други електронски уреди. Од ДИЦ апелираат матурантите да ги почитуваат правилата за полагање и мерките за спречување на неправилности, кои се објавени на официјалната веб-страница на матурата и доставени до сите училишта.

За непречено спроведување на матурските испити годинава ќе бидат ангажирани околу 2.500 тестатори и околу 200 набљудувачи. Покрај екстерните испити, учениците ќе полагаат и втор и трет изборен предмет интерно, во согласност со новата концепција за завршните испити во средното образование.

Share

The post Почнува матурата за над 14.500 средношколци: Државна, стручна и уметничка проверка на знаењето appeared first on info.mk.

Следете не, не има насекаде

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

mk_MK
mk_MK