септември 22, 2024

Ајхан Јашаров од Тополница, Радовиш има 23 години и е студент на земјоделски факултет „Гоце Делчев-Штип“. Како и кај повеќето негови колеги фармери и кај него сточарството е фамилијарен бизнис. Неговото семејство одгледува околу 500 овци и 50-ина кози.

Ајхан смета дека во однос со ситуацијата со сточарството во Македонија, потребно е некои работи да се сменат.
„Лично мислам дека сѐ уште има потреба многу работи да се сменат во сточарството. Модернизирање, следење на новите техники во ова производство. Ние сме млади и следиме интернет, образовани сме и знаеме како е да се биде фармер во развиените земји. Во Европската Унија е модерно да си фармер, кај нас на оваа гранка се гледа сѐ уште како со потценување. Тоа треба да го менуваме сите заедно, а најважно е да имаме поддршка од државата и сигурен пласман да имаме за сточарите, бидејќи така можеме да напредуваме.“
Тој смета дека е тешко да се напредува како индивидуалец и дека е потребно здружување, како во сите области на земјоделството, така и во сточарството. Член е на„Млад сточар“, земјоделско здружение кое со задоволство го промовираме и ги мотивираме младите да се занимаваат со оваа благородна гранка како што е земјоделското производство.

„Очигледно е дека јачината е во мнозинството. Бидејќи како здружение можеме да смениме и да подобруваме повеќе работи. Здружението „Млад сточар“ според мене е еден вид поддршка за младите сточари, затоа мислам дека имаме исти интереси. Да се подобруваат условите и да продолжуваме да одгледуваме овци. Верувам дека преку здружението „Млад сточар“ ќе биде погласен гласот на младите сточари. Како најважна придобивка од здружението можеби ќе биде проширување на пазарот и размена на информации со другите млади сточари“, ни рече Ајхан.

Ајхан користи субвенции и е задоволен од продажбата на млекото и јагнињата, иако смета дека цените треба да бидат повисоки.

„Моменталната состојба на цените не е многу задоволителна, бидејќи од ден на ден поскапуваат цените за исхрана на добитокот, а цените на млекото и јагнето остануваат исти. Нашите производи, со зголемени производни трошоци не се конкурентни“.

И на крајот пораката на Ајхан не се разликува од онаа на сите во здружението, а тоа е повик до сите млади луѓе кои сакаат да се занимаваат со сточарство да се охрабрат и да им се придружат.
„На сите млади луѓе коишто се занимаваат или сакаат да се занимаваат со сточарство, им порачувам да не се откажуваат од сточарството, бидејќи како држава имаме потреба од повеќе млади сточари“., вели младиот Ајхан.

The post Младиот Ајхан од Тополница не се откажува од сточарството: „Во Европската Унија е модерно да си фармер, кај нас на оваа гранка сѐ уште се гледа како со потценување“ appeared first on 24 Инфо.

Следете не, не има насекаде

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Generated by Feedzy
mk_MK
mk_MK