септември 23, 2024

Реакција на „Макекспрес – превоз” на прес-конференцијата на Арсовска

„Во однос на последната прес конференција одржана од градоначалничката на град Скопје Данела Арсовска сакам да ја информирам јавноста во однос на неколку невистини кои беа изнесени.

Градот Скопје го раскина Договорот со приватниот превозник „Макекспрес – превоз” со тврдење дека процентот на реализиран превоз е под 80%. Нашата компанија барем половина година пред раскинувањето на Договорот се обиде во повеќе наврати да оствари средба со раководството на градот за да информираме дека нередовната исплата на средства го доведува во прашање редовното сервисирање на обврските од наша страна. За таа цел, преку архивата на Град Скопје испративме 6 барања за средба со секретарот, градоначалничката или вработени во секторот за сообраќај, а повеќе пати се обидовме и телефонски да закажеме средба по што бевме упатувани да испратиме е-маил порака. И покрај тоа, нашите заложби не вродија со плод, а градоначалничката не одвои време за да се сретне со нас за да се обидеме заеднички да најдеме начин како да се надмине проблемот со нередовната уплата на средствата.

Исто така сакам да потсетам дека приватниот превозник „Макекспрес – превоз” само на една линија, број 19, во неколку наврати не успеа да го исполни предвидениот процент од 80% реализација на возниот ред, од причина што дел од возачите на оваа линија не беа финансиски моќни да продолжат со работа поради натрупаниот долг од градот. На преостанатите четири линии на кои сообраќаше „Макекекспрес- превоз”, реализацијата на возниот ред се движеше од 96% до 99%.

Во однос на наводите дека на јавниот повик не се пријавиле превозниците чии права ние ги застапуваме, сакам да информирам дека заедничката одлука којашто ја донесоа превозниците се должи на изгубената доверба во системот којшто, преку ЈСП, го организира градот, бидејќи долгот е огромен. Само кон нас, како превозници, половина милион евра. За надминување на овие состојби ние предлагаме градот Скопје да го повлече решението со кое се раскинува Договорот и превозниците да се вратат на работа се до неговото истекување, при што долгот кон нив ќе биде исплатен, а ЈСП ќе се обврзе редовно да ги намирува обврските според потпишаниот договор. Истовремено, би сакале континуитет на средбите со одговорните во градот за да разговараме за еколошките аспекти, подобрувањето на услугите и обновата на возниот парк – се со цел поквалитетен јавен градски превоз за жителите на Скопје.

Милорад Димитријевски

Сопственик на „Макекспрес – превоз”

The post Реакција на „Макекспрес – превоз” на прес-конференцијата на Арсовска appeared first on 24 Инфо.

Следете не, не има насекаде

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Generated by Feedzy
mk_MK
mk_MK