ноември 24, 2024

Ива Пројковска, првата интернационална ФИФА судијка која се најде помеѓу 20-те елитни судии во Европа, неодамна ја доби наградата најуспешна женска судијка за 2022 година од Олимпискиот комитет на Македонија.

Ива вели дека била изненадена за наградата, но и среќна затоа што некој ги следел нејзините резултати и успеси надвор од Македонија.

„Бев многу среќна кога ме избраа, највеќе затоа што женскиот фудбал и женските судии малку се следат во нашата држава и медиумите многу малку информираат за тоа“, вели Ива за Репортер.

Ива имаше можност да присуствува на Светското фудбалско првенство во Катар, но како гостинка на покана на катарската фудбалска репрезентација.

„Тоа што сум ФИФА судија немав приоритет, но бидејќи работев за катарската фудбалска репрезентација имав привилегија и чест да добијам ВИП карти и да се дружам со некои видни гости на трибините“, раскажа Ива.

Таа била на повеќе натпревари. Ја пофали организација на Катарците и рече дека на следните организатори им посакува среќа.

„Ги следев натпреварите на репрезентацијата на Хрватска, Србија, Катар, Англија, Велс, Холандија. Можам да кажам дека сум презадоволна од организацијата. Ова го очекував од нив затоа што година и пол живеев во Катар, знам како функционираат. Поставија високи стандарди за едно Светско првенство, така што на следните организатори можам само да им кажам со среќа“, со насмевка вели Пројковска.

Фаворити секогаш и се судиите, но на Светското во Катар навивала за блиските соседи Хрватска, Србија, но и за Катар.

Светското првенство во Катар беше многу посебно по многу работи, но и потоа што оваа година главен судија на еден меч беше жена судијка. Станува збор за Французинката Стефани Фрапер која судеше на натпреварот помеѓу Германија и Костарика.

„Во светот на фудбалот жените отидоа многу напред, што за жал кај нас тоа слабо ги следиме. ФИФА и УЕФА многу ги поддржуваат женските судии, ми им даваат поддршка. Можеме да видиме дека Стефани не само на ова првенство таа испиша историја во последните години на многу големи машки натпреварувања. Мислам дека се почесто и почесто ќе гледаме жени на големите натпреварувања, ФИФА и УЕФА тоа го сакаат, тоа и го наложуваат и до сите останати федерации. Допрва почнува револуцијата на жените во машкиот фудбал“, рече Ива.

Спортски судија, не типична професија за жените, но и професија од која во Македонија не може да се заработи за живот.

„ Кај нас во Македонија не може. Ние не сме професионалци, не сме на платен список, се е тоа хонорар. Ако се случи една мала повреда при судење, а не си пријавен, нема како да заработуваш, да купиш суплементи, да платиш медицински трошоци. Во голем број федерации судиите се професионалци, тоа им е главна професија, само со тоа се занимаваат“, раскажа Ива како стојат работите со спортските судиите кај нас.

 

Има другари/ки помеѓу фудбалерите и фудбалерките, но таа дружба останува само на кафе муабет.

„Постои мала дистанца, мала е Македонија, не сакам да се продлабочуваат врските, затоа што утре ќе треба да им судам“, вели Ива.

Не сака да се обложува и никогаш не напишала ливче во обложувалница.

„Не ме бива за тоа. Немам поим ни како се пишува ливче, коефициенти тоа ништо не знам, знам дека има двојка во икс. Знаат некогаш некои другари кога ќе се обложуваат да ме прашат за резултат, меѓутоа никогаш немам погодено натпревар“, кажа Ива.

Таа се подготвува во меѓувреме за зимскиот семинар кој ќе се одржи во Рим, каде ќе полага норми и тестови, видео анализи, заеднички тренинзи, различни мерења.

„Кога ќе го положам тоа ќе размислувам за понатаму бидејќи прво треба да положам, па потоа ќе следи делегирањето за остатокот на сезоната“, рече Ива.

Габриела Додевска

The post (Видео) Допрва почнува револуцијата на жените во машкиот фудбал, интервју со Ива Пројковска интернационална ФИФА судија appeared first on info.mk.

Следете не, не има насекаде

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

mk_MK
mk_MK