Нови 8902-ца пензионери минатата година. Државата пресметала дека, заедно со нив, бројот на пензионери во земјава заклучно со декември се искачил на 335,743-ца. Просечната пензија последниот месец од годината изнесувала 17,727 денари и во однос на јануари е повисока за 1,430 денари, пресметал Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.
Но, што друго им донесе минатата година на оваа категорија на граѓани?
Со септемвриската пензија пензионерите добија зголемување за 6,8 проценти; за прв пат во март месец беше исплатена пензија од над 60 илјади денари која со покачувањето на пензиите во декември стигна до 64,394 денари; обезбедена беше и директна државна помош од 3,000 денари исплатени во април, мај и јуни.
И во 2022-ра постои огромен јаз меѓу најниската и највисоката пензија, па и бенефициите различно се чувствуваат. Всушност ако се земе дека најниската пензија според статистиката на ПИОМ во делот најниски пензија изнесува во декември лани 10,975 денари, а највисоката 64,394 денари разликата покажува дека пензијата што некој пензионер ја зема за еден месец, на друг му требаат речиси 6 месеци за да ја достигне сумата. Ако пак како најниска пензија се земе земјоделската просечна пензија која изнесува 9,092 денари тогаш на овие пензионери им требаат 7 пензии за да ја стигнат највисоката месечна пензија.
Највисоката пензија во државава сега изнесува 64,392 денари. Пред зголемувањето на пензиите во септември таа изнесувала 60,294 денари. Тоа пак значи дека корисниците на оваа пензија, а ги има 74-ца во земјава добиле зголемување од над 4,000 денари.
Фондот пресмета дека во земјава бројот на пензионери кои примаат максимална пензија изнесува 1,339.
Колку пак лани добија, најсиромашните пензионери чии пензии се вбројуваат во групата минимални пензии? Најниската пензија, според статистиката на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување пред зголемувањето била 10,276 денари. Во секако дел од антикризните мерки на 12 јануари на сметките на пензионерите со пензии пониски од 14.000 денари им беше префрлена втората од вкупно четирите финансиски поддршки. Со декемвриската пензија, финансиска поддршка од 1.500 денари добија 62.951 пензионер, со пензија до 11.525 денари и по 750 денари на сметка им легнаа на 65.704 лица, со износ на пензии од 11.526 до 14.000 денари.
Инаку, покачувањето на пензиите лани се изрши согласно новата методологија воведена со последните измени во Законот за пензиското и инвалидското осигурување, кои стапија на сила во март 2022 година.
Новата Методологија предвидува усогласување на пензиите со комбиниран модел од 50% пораст на просечната плата на сите вработени во државата и 50% пораст на трошоци на живот, согласно официјалните податоци на Државниот завод за статистика.
Усогласувањето ќе се врши два пати во годината, односно во март и септември, што значи ќе ги следи промените во двата индекси за усогласување. Пензионерите во 2023 година влегоа со повисоки пензии за околу 10 проценти. По следното усогласување на пензиите за два месеца во оваа 2023 година, за една календарска година, растот на пензиите власта очекува да биде околу 16 проценти.
Сепак, одличните познавачи на состојбите на пензискиот систем велат дека и покрај зголемувањето на пензиите лани, инфацијата го зеде ќарот.
Во колумна за порталот Пари универзитетската професорка во пензија, Јадранка Мршиќ посочува дека инфлацијата ја намали реалната вредност и на пензиите и на платите, но просечната реална плата пораснала за 19.4%, а просечната реална пензија за само 8.0% во октомври 2022 во однос на 2016 година.
“Претходно, забрзаниот раст на платите помеѓу 2016 и 2022 година, кога просечната номинална плата порасна за 41.13%, а просечната номинална пензија за 27.62% предизвика опаѓање на соодносот на просечната пензија со просечна плата од 58.52% во 2016 година на само 52.92% во октомври 2022 година. Изгледа дека ново-стариот модел на усогласување на износот на пензија со порастот на плати и на цени придонесе за дополнителна ерозија на пензиските приходи на македонските пензионери во 2022 година”, посочува професорката.
Мршиќ посочува дека не е реално да се очекува пензиите да се усогласат целосно со порастот на цените, затоа што тоа како што вели таа, значи дополнителен трошок за пензии во услови на намалени буџетски приходи. Но, може да се предвидат алтернативи за намалување на штетата од инфлацијата врз пензиите.
Една од препораките на професорката е воведување на привремено и краткорочно усогласување со стапката на инфлација во одреден процент од вкупната инфлација, со што товарот од влијанието на инфлацијата врз пензиите би се поделил помеѓу државата и корисниците на пензии.
Инаку, за пензии годинава се планирани 1,2 милијарди евра што е дури 119,3 милиони евра, или 10,8 проценти повеќе отколку од ребалансираниот буџет за 2022 година, кога биле наменети 1,1 милијарди евра.
Деновиве и заменик министерот за финансии, Филип Николовски изјави дека во Буџетот за 2023 година се обезбедени дополнителни 120 милиони евра за пензионерите.
Целата анализа е достапна на следниот линк: https://pari.com.mk/novi-8902-penzioneri-vo-2022-penziite-porasnaa-no-kjarot-go-zede-inflacijata/
Следете не, не има насекаде