мај 4, 2024

Зелената енергија, дигитализацијата и органското производство ќе ги трансформираат економиите и ќе обезбедат справување со недостигот на работна сила и обучуван кадар, како едни од најголемите предизвици во бизнис секторот. Ова беше оценето на денешниот бизнис форум посветен на можности и предизвици за развој на приватниот сектор во време на криза.

Настанот имаше за цел да овозможи отворен дијалог помеѓу различни претставници од приватниот сектор и клучните институции во државата за поддршка на бизнисот.

Според поранешниот претседател Македонската банкарска асоцијација, Глигор Бишев бизнис секторот најлесно ќе се соочи со сите предизвици преку трансформација на економијата со помош на најновите трендови, процес кој, според него, ќе трае речиси една деценија.

– Гледано на краток рок, приоритет ќе биде соборување на инфлацијата, а долгорочно трансформацијата на економиите кон незагадувачки индустрии, производство и користење на зелена енергија, кон органско земјоделско производство, но, исто така, и кон дигитализација и автоматизација на економиите. Државата ќе мора да ги поддржи иновациите, истражувањата, развојот, образованието на кадарот и економскиот раст да се базира на новите динамични технологии и тоа ќе бара огромни средства што нема да биде спринт на економските субјекти, туку тоа ќе биде маратон кој ќе трае скоро една деценија и кој генерира и ќе појави нов вид на економија која ќе расте на база на иновациите на технолошкиот развој и на зелената енергија, изјави Бишев.

Тој додаде дека недостигот на работната сила станува глобален проблем.

– Тој е присутен како  во високо развиените, така и во земјите во развој како Македонија и најверојатно тоа ќе продолжи, меѓутоа со воведувањето на вештачка интелигенција и автоматизација и роботизација на одредени процеси се настојува овие проблеми да се ублажат, оцени Бишев.

Универзитетскиот професор и претседател на Соларната асоцијација на Македонија, Илија Насов од друга страна пак, вели дека изворите на енергија ќе бидат иднината, но дека и тука се јавува проблем, а тоа е необучениот кадар.

– Во иднината соларната енергија гледам дека ќе биде сигурно еден од главните извори на енергија, а и останатите, ветерна енергија, енергија од други извори, кои се во областа на обновливите извори. Ние работиме на оваа проблематика, меѓутоа тука се јавува огромен број на проблеми, не само финансирање во прашање се доволно обучени кадри ние немаме доволно обучени кадри толку колку што има потреба за оваа област. Затоа ние во последните години правиме сертифицирани обуки и даваме дипломи, а завршени курсеви тренинзи и досега имаат поминато околу 100 кандидати, има голем интерес, информира Насов.

Тој оцени дека во државава бавно течат работите и тоа од подготовка на документи на законска регулатива и реализација, но тој сепак е оптимист во однос на свеста за значењето на користењето на природните богатства.

Постојаниот претставник на канцеларијата на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во земјава, Армен Григорјан истакна дека партнерството со приватниот сектор е еден од клучните столба во работата на УНДП за креирање отпорна и одржлива економија како основа за инклузивен економски развој.

– Иновациите се формулата за искористување на потенцијалот произлезен од пост- кризните ефекти, порача Григорјан.

Настанот се одржа во организација на канцеларијата на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во Скопје.

The post Бизнис форум: Зелената енергија, дигитализацијата и органското производство ќе ги трансформираат економиите appeared first on 24 Инфо.

Следете не, не има насекаде

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Generated by Feedzy
mk_MK
mk_MK