ноември 21, 2024

Дел од пратениците се спротивставија на давањето согласност бидејќи сметаат дека оваа одлука требало заеднички да ја донесат институциите на Владата и претседателот на Хрватска, во спротивно, станува збор, тврдат, за кршење на хрватскиот Устав.

Хрватскиот сабор не ја усвои одлуката за обука на украински војници во Хрватска во рамките на мисијата ЕУМАМ, за која беше потребно двотретинско мнозинство, односно најмалку 101 глас, иако 22 држави од Европската Унија се веќе вклучени во оваа мисија. Дел од пратениците се спротивставија на давањето согласност бидејќи сметаат дека оваа одлука требало заеднички да ја донесат институциите на Владата и претседателот на Република Хрватска, во спротивно, станува збор, тврдат, за кршење на хрватскиот Устав.

За одлуката за учество во мисијата на Европската Унија за помош и поддршка на Украина (EUMAM), која, меѓу останатото, вклучува и обука на стотина украински војници во Хрватска, требаше да има двотретинско мнозинство, 101 глас. На гласањето одлуката ја поддржаа 97 пратеници, додека 10 беа против, со тоа што коалицијата предводена од ХДЗ во хрватскиот Сабор имаше обезбедено мнозинство од 77 гласа.

Против беа пратениците на опозицијата бидејќи сметаат дека прескокнување на институцијата Претседател и донесување ваква одлука со двотретинско мнозинство во хрватскиот Сабор е неуставно.

„Да се донесе војската на држава која е во војна против суров агресор и нуклеарна сила, да се изложи хрватскиот народ на тој ризик, не е мудро“, оцени претседателот на Клубот на Татковинското движење.

„Барањето за одлучување е потребно да се врати на претседателот на Република Хрватска“, смета Сандра Бенчиќ, како и пратениците на партијата Мост, кои сметаат дека се работи за заобиколување на институцијата Претседател и неуставно префрлање на одговорноста на хрватскиот Сабор.

На почетокот на седницата на Владата на Хрватска, пред гласањето во Саборот, хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ им порача на пратениците и на јавноста дека одлуката која се наоѓа пред пратениците „не е избор меѓу парламентарното мнозинство и опозицијата, ниту момент на изразување став преку анимозитетот кон Владата, туку избор меѓу Украина и режимот на Путин“.

Тој нагласи дека оваа одлука за помош на Украина досега ја донеле 22 земји членки на Европската Унија.

Одлуката за обука на украински војници беше препуштена на хрватскиот Сабор, бидејќи претседателот на Република Хрватска, Зоран Милановиќ, кој соодлучува за такви одлуки како врховен командант на Вооружените сили, се спротивстави на предлогот на Владата на Република Хрватска со тезата дека ваквиот потег дополнително и непотребно би ја вклучил Хрватска во војната.

Барањето за изјаснување за оваа одлука формално му беше врачено на претседателот Милановиќ, но претседателот одби да го разгледа, велејќи дека тоа му било испратено од погрешна адреса, од министерот за одбрана, а не од премиерот.

Следете не, не има насекаде

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

mk_MK
mk_MK