Велешанецот Ангелче Николов, кој на 17 декември лани, возејќи пијан, на пешачки премин ја усмрти 11 годишната Магдалена, а тешко ја повреди нејзината мајка е осуден на 18 години затвор, објави Макфакс.
Тој доби и забрана за управување моторно возило. На Николов му е изречена мерка притвор бидејќи судот сметаше дека тој може да избега ако биде на слобода.
„Обвинетиот безобзирно го напуштил местото на несреќата, се криел повеќе од 30 часа, не се интересирал што се случило со оштетените. Самото пријавување судот не го зема како олеснителна околност. Двапати е казнуван за возење во алкохолизирана состојба. Признавањето на вината не се зема како олеснителна околност, затоа што судот не стекна предвид дека има кај него жалење и каење. Судот донесе пресуда – Ангелче Николов на 17.12.2022 управувајќи автомобил „мерцедес“ стори тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот и неукажување помош на повредени лице во сообраќајна незгода, па за двете дела се осудува на единствена казна затвор 18 години“ соопшти Судскиот совет денска на судењето во Велес.
Судијката објаснуваше и за висината на казната.
„За тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, предвидена е казна од најмалку четири години, што значи дека затворот не може да биде подолг од 20 години. За неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода, предвидена е глоба или казна затвор до една година. Во однос на одмерување на санкцијата, судот нема апсолутна слобода, туку има законски пропишана казна во согласност со Кривичниот законик. Судот не носи закони, туку спроведува закони“, појасни судијката.
Несреќата се случи на 17 декември, кога Николов, возејќи со голема брзина и пијан, на улицата „Борис Трајковски“ во близина на велешкото училиште „Васил Главинов“, на која е ограничено движењето на 30 километри на час, на пешачки премин удри во мајката и ќерката, а нивниот татко и сопруг за влакно го избегнал ударот. Малата Магдалена од местото на ударот била отфрлена дваесеттина метри и веднаш починала. Нејзината мајка, која на пешачкиот премин била еден чекор понапред, тешко беше повредена.
По несреќата, Николов избега и два дена се криеше, по што сам се предаде во полиција. Истражните органи го идентификуваа уште вечерта, откако на местото на несреќата беше пронајдена регистсрската табличка на неговиот мерцедес.
Следете не, не има насекаде