Претседателската администрација на Русија им порача на официјалните лица да престанат да ги користат телефоните на Apple поради загриженоста дека уредите би можеле да бидат ранливи на западните разузнавачки агенции, објави во понеделникот весникот Комерсант.
На семинарот организиран од Кремљ за функционери вклучени во внатрешната политика, првиот заменик-шеф на кабинетот на рускиот претседател, Сергеј Кириенко, им рекол на функционерите да ги сменат мобилните телефони до 1 април, пишува Комерсант, повикувајќи се на неименувани извори.
„Готово е со iPhone-ите: фрлете ги или дајте им ги на децата“, цитираше Комерсант еден од учесниците на состанокот кој додава: „Сите мора да го направат тоа во март“. Кремљ може да обезбеди други уреди со различни оперативни системи за замена на iPhone, пишува Комерсант.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека не може да го потврди извештајот, но дека паметните телефони и онака не можат да се користат за официјални цели. Претседателот Владимир Путин секогаш велеше дека нема паметен телефон, иако Песков рече дека Путин повремено користи Интернет.
Набргу откако Русија испрати војници во Украина минатата година, американските и британските шпиони дојдоа до разузнавачки информации – и ги објавија – дека Путин планира инвазија. Не е јасно како шпионите дошле до таква информација.
The post Комерсант: „Готово е со iPhone-ите: фрлете ги или дајте им ги на децата“ appeared first on info.mk.
Следете не, не има насекаде