Како мисли Христијан Мицкоски – ќе се раскара со сите и тие со кои тој се раскарал ќе земат бензин, ќе се полијат и ќе се запалат, како да не постојат, вели лидерот на ГРОМ и градоначалник на Карпош Стевчо Јакимовски во интервју за новиот број на неделникот „Фокус“. Говорејќи за причините за раскинување на десетгодишната соработка со ВМРО-ДПМНЕ, Јакимовски вели дека тоа е резултат на непочитување на договорите.
-За „Градски паркинг“ е договорено да раководи претставник на ГРОМ. Тоа беше договарано уште со Мицкоски, но по принципот – маж рекол, маж одрекол, се пишмани. И една од причините за раскинување коалиција е непочитување на коалициските договори и манипулациите и лагите. А мене лаги и неискреност ми пречат. Подобро со некој да се искарам, отколку да има лаги и подлости – вели Јакимовски.
Тој додава дека за цел период ГРОМ коректно се однесувал во рамки на коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ, вклучително и во периодот кога имаше внатрепартиска иницијативата за промена на Мицкоски. Наспроти тоа, додава Јакимовски, Мицкоски се обидел да направи преврат во неговата партија и да стимулира негова смена од лидерската позиција.
-Мицкоски пред изборите се обиде да ми презентира лажни анкети, не знаејќи дека и јас во исто време правам анкети. И неговите прогнози беа дека нема да влезам во вториот круг и дека нема да земам повеќе од 2 и пол илјади гласови. По изборите, неговата желба за промена во партијата се зголемила и дел од сценариото за откажување на јавното претпријатие за паркирање било со цел да се создаде револт во партијата и да дојде до ново раководство.
Протестите што ги организираше во Влае, а зад тоа се кријат исклучиво лукративни причини, за мене беше крајно непристојно, како што беше и праќањето емисари од одредени бизнисмени да се бара финансиска кооперативност. И закани стигнуваа до одредени бизнисмени. И кога за еден урбанистички план во делот на Злокуќани, каде што се наоѓа „бетоњерата“ не дозволија на дневен ред да се стави, тоа ја прели чашата – вели Јакимовски.
Тој ги отфрла обвинувањата дека зад него стои поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Никола Груевски. Како што тврди Јакимовски, со Груевски за цела оваа година се слушнал само еднаш во август и притоа, според него, двајцата воопшто не разговарале за политика. Воедно, лидерот на ГРОМ го обвинува Мицкоски дека се финансирал од Бидумпешта.
-Слушам разни глупости и од него и од неговите мегафони дека нѐ плаќал некој друг, дека нѐ плаќал Груевски од Будимпешта… Тој мисли дека ако него го плаќаат од Будимпешта и ако тој земаше пари од Будимпешта, дека сите ние земаме… Тргнувајќи од своето искуство, смета дека може и други така да земаат пари. А тоа што е најбитно, мене пари за битка со Мицкоски не ми требаат – вели Јакимовски.
Во однос на неодамнешните тврдења дека Мицкоски се сретнувал со поранешниот лидер на СДСМ Бранко Црвенковски, Јакимовски вели: „Зошто Мицкоски не го демантира тоа? Во неговата политика се чувствува здивот на Црвенковски, само што тој не е мајстор како Црвенковски да ги изведе тие процеси како него. Обидите за интриги, манипулации, својствени за Црвенковски, се чувствуваат и кај Мицкоски. Еден човек без искуство од асфалтот е многу провиден во таа работа и гледате настрадува…“.
Извор: Фокус