Од април следната година, минималната плата во Македонија ќе изнесува 23.000 денари или околу 375 евра.
Според Законот за минимална плата, минималната плата нема да може да биде помала од 57% од просечната плата во земјата.
За многумина кои во моментов работат за минимална плата од 20.000 денари, новината за зголемувањето е повеќе од добредојдена.
Ова е голем напредок за мене и за моето семејство. Сега ќе можам да купувам повеќе храна, облека и играчки за моите деца – рече Ана Петровска, вработена во продавница за облека во главниот град.
И скопјанецот Драган, портир во болница, вели дека зголемувањето на минималната плата добро ќе му дојде.
Јас работам како портир во болница и месечно заработувам само 20.000 денари. Со новата минимална плата, ќе имам околу 3.000 денари повеќе, што е значителна разлика за мене. Се надевам дека ова ќе ми овозможи да живеам подобро и да заштедам некој денар – рече нашиот соговорник.
Но, не сите се задоволни со зголемувањето на минималната плата. Некои работодавачи велат дека тоа ќе ги стави под притисок и ќе ги натера да ги намалат работните места или да ги затворат своите бизниси.
Јас сум сопственик на сендвичарница и имам четворица вработени кои ги пријавувам на минимална плата. Со новите измени, еден вработен ќе ме чини околу 35.000 денари месечно, а каде се другите плати, давачките, сметките?! Многу ќе биде тешко и најверојатно ќе бидам принуден да отпуштам двајца вработени или да ја затворам сендвичарницата – рече Бобан Стојановски.
Минималната плата која во 2012 беше 8.050 денари, а во 2016 изнесуваше нешто над 10.000 денари, денес изнесува над 20.175 денари, а од следната година таа ќе биде над 23.000 денари.
На зголемувањата на минималната плата се противеше дел од бизнис секторот, но и опозицијата.
Минималната плата во 2024 година ќе се доближи до просечната плата во 2016 година, најави во март оваа година, министерот за економија Крешник Бектеши.
– Минималната плата годинава, поточно на почетокот на следната година, ќе се покачи над просекот што го имавме во 2016 година, а ова уште еднаш покажува дека Владата е посветена на пораст на платите и во јавниот и во приватниот сектор. Само за информација за граѓаните, во 2016 година просечната плата беше некаде околу 23.000 денари, а денес е над 34.000 денари, а како што претходно истакнавме, успеавме да се доближиме до просечната плата од 2016 година – изјави неодамна министерот.