Европратеничката Ева Каили во текот на истрагата за корупција во Европскиот парламент, признала дека побарала од нејзиниот татко да скрие дел од парите, кои подоцна биле пронајдени во нејзиниот дом.
Каили беше уапсена на 9 декември, истиот ден кога претходно беше уапсен нејзиниот татко со актовка полна со готовина. Се посочува дека тој носел околу 600 илјади евра, додека Каили е познато дека поседувала околу 150 илјади евра. Истиот ден беше претресен домот на европратеничката.
Каили веќе признала дека побарала од нејзиниот татко да скрие дел од парите, кои потоа биле пронајдени во нејзиниот дом. Медиумите пишуват дека таа му кажала на истражниот судија Мишел Клиз дека била свесна за минатите односи на нејзиниот сопруг со поранешниот европратеник Пјер Антонио Панцери и оти низ нејзиниот стан поминале куфери со пари.
Белгиските медиуми претходно објавија дека признание дал и сопругот на Каили, Франческо Џорџи. Тој признал дека е дел од организација што ја користат Мароко и Катар за мешање во работите на Европската унија. Во своето признание, Џорџи тврдел дека неговата улога во организацијата била да раководи со парите.
Според белгиските и италијанските медиуми, и Панцери делумно признал корумпираност и дејствување во интерес на Катар и на Мароко. Во своите признанија тој споменува дека европратеникот Марк Тарабела добивал подароци од Катар.
Белгиското федерално обвинителство и адвокатите на инволвираните во скандалот одбиваат да ги коментираат овие тврдења.
Следете не, не има насекаде