Министерството за надворешни работи на Малта на Кочо Анѓушев му ја прекина функцијата почесен конзул на Малта во Македонија, откако тој се најде на американската „црна листа“, објави „Тајмс оф Малта“.
Весникот пренесува изјава на портапролот на малтешкото Министерство за надворешни работи кој вели дека никогаш не добиле никакви негативни информации за Анѓушев од неговото назначување.
– Со оглед на ваквите случувања, Министерството го прекинува неговото назначување со непосреден ефект и внимателно ги следи најновите случувања, додава тој.
Поранешниот вицепремиер Анѓушев беше назначен за почесен конзул на Малта во Скопје во октомври 2021 година со одлука на Владата на Малта.
Американскиот Стејт департмент во вторникот објави дека Анѓушев нема право на влез во САД бидејќи додека бил вицепремиер ја злоупотребил својата службена положба во корист на неговите приватни деловни интереси, поткопувајќи ја довербата на јавноста во Македонија во нивните владини институции и јавни процеси.
„Денешната акција покажува дека САД стојат со оние во Македонија кои бараат одговорност од корумпирани јавни функционери“, се вели во соопштението.
„Оваа ознака ја потврдува посветеноста на САД за борба против корупцијата, која му штети на јавниот интерес, го попречува економскиот просперитет на земјите и ја намалува способноста на владите ефективно да одговорат на потребите на својот народ“, се вели во соопштението.
Пред објавувањето на одлуката на Стејт департментот, на маргините на самитот на ОБСЕ, Анѓушев како почесен конзул на 3 декември имал работен појадок со министерот за надворешни и европски работи и трговија на Малта, Јан Борг. На состанокот се разговарало за ситуацијата во регионот во светло на идното проширување на ЕУ, за геополитичките случувања во Европа и пошироко, како и за можностите за економска соработка меѓу двете земји. На средбата станало збор и за организацијата на состанокот на почесните конзули на Малта, кој ќе се одржи во февруари 2024 година во Валета.
На средбата Борг дури ја поздравил посветеноста на почесниот конзул за зајакнување на економската соработка и воспоставување мост меѓу економиите.
Следете не, не има насекаде