АД ЕСМ согласно планот за производство во 2023 година треба да произведе 5.045 гигават часови електрична енергија, што е за 20 отсто повеќе од планираните 4.259 гигават часови за годинава од кои заклучно со 13 декември веќе се реализирани 97,81 отсто или 3.851 гигават час.
Ова, како што вели генералниот директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски, значи дека пред компанијата е уште еден предизвик ако се знае дека и во наредната година ќе располага со истите капацитети како и годинава кои дополнително ќе бидат за уште една година постари.
-Производството на АД ЕСМ засега е стабилно и сигурно со одредени моментални девијации кои некогаш се случуваат на дневна основа како технички проблеми кои се решаваат во најбрз можен рок. Тоа се прави за 12, 24 или најдоцна за 48 часа се решаваат или се санираат проблемите кои се тековни. Тие се јавувале и порано, се јавуваат и сега, а ќе се јавуваат и во иднина, истакна Ковачевски на средба со новинарите.
Нагласи дека временски е преполовен процесот на санација на дефекти, како согласно препораките на производителот на опремата, така и во споредба со на што се правело порано како процедура. Тоа, додаде, е направено пред се заради енергетската криза и потребата од енергија плус, која треба да се пушти во системот на производство.
Се прават сите подготвителни работи за да бидат подготвени постројките за предизвикот што следи, зголемено производство на електрична енергија со капацитети со просечна старост од околу 40 години.
ТЕЦ Неготино подготвено за непречено производство
-Заврши ремонтот на генераторот во ТЕЦ Неготино, постројка која е изработена во 1978 година и која досегаш никогаш не била ремонтирана. Се смета за капитален ремонт. Имаше одредено жарење во генераторот и беше ризично дали може да продолжи да работи или не, бидејќи не знаевме до кога ќе издржи. Професорите, консултантите и претставниците од Украина кажаа дека е најдобро сега да се направи ремонтот и да биде подготвен за цела грејна сезона. Тоа и го направивме 10 дена порано од планираното, рече Ковачевски и посочи дека двата котли во ТЕЦ Неготино работат со еден генератор.
За ТЕЦ Неготино се обезбедени 30 илјади тони мазут што е доволно за работа до 15 јануари, а склучен е и нов договор за 180 илјади тони кој ќе се активира кога ќе заврши стариот. Тој е доволен за шестмесечно работење на електраната.
-Планот за производство за 2023 година предвидува ТЕЦ Неготино да произведува 10 месеци, а два месеци се предвидени за ремонтни активности. Предвидено е ремонтните активности да се реализираат во мај и јуни, но доколку има продолжена грејна сезона тоа ќе се направи во јуни и јули. Седум месеци ќе работи со полна снага со двата котли, а три месеци со по еден котел кога РЕК Битола и РЕК Осломеј ќе влезат во ремонти, појасни Ковачевски.
Се планира, како што кажа, ремонтот во РЕК Осломеј да се направи од 15 јули до крајот на август.
При крај е ставањето во функција на блок 3 во РЕК Битола
Минатата недела во Солунското пристаниште требаше да стигне трансформаторот за блок 3 во РЕК Битола од каде, како што рече Ковачевски, за три до четири дена треба да биде транспортиран во РЕК Битола.
-Со деветте камиони кои претходно пристигнаа дојде најголем дел од опремата која веќе се монтира. Централната единица – јадрото на трансформаторот, односно најтешкиот дел треба да стигне во пристаништето во Солун. Веднаш откако ќе стигне за три до четири дена ќе биде транспортирано во РЕК Битола вклучително и со препреките – двата моста каде треба да помине. Испорачувачот на опремата има обезбедено понтонски мостови, кои ќе се монтираат да помине камионот со товарот, па ќе се демонтираат. Екипите на „Астор” од Турција, производителот на трансформаторот и нашите стручни лица веќе се подготвени да се монтира и централната единица и до крајот на годинава блок 3 да биде ставен во функција. Нема при тоа да се исклучи ниту еден друг блок за ремонт, туку ќе се прават одредени ревизии заедно со сервисите, посочи Ковачевски.
Додаде дека во следната година по завршување на грејната сезона во мај прво треба да се ремонтира блок 2 за кој има резервни делови. Во исто време ќе продолжи и втората фаза од реконструкцијата на разладната кула каде треба да се заменат бетонско-азбесните плочи со еколошка пластика.
-Проектот е почнат пред три години, надворешниот дел на разладната кула е завршен, останува само да се среди внатрешниот дел и да се стават нови цевководни системи. За таа санација ЕСМ инвестира 370 милиони денари и значи и технолошка и еколошка добивка, потенцира Ковачевски.
Од технолошки аспект добивката, како што рече, ќе биде побрзо ладење на водата и со тоа трошење на помалку електрична енергија, а еколошка отстранување на штетниот азбест и отстранување на азбесните честитки од водената пареа. Следна, како што најави, ќе биде реконструкцијата на кула 3 во 2024 и 2025 година.
Склучен договор за набавка на јаглен за РЕК Битола
-За РЕК Битола склучен е договор за набавка на 600 илјади тони јаглен од Грција по 59 евра за тон со транспорт, односно 460 денари за гига Џул. Бараме јагленот да има минимум 1.750 кило калории. Треба да се испорачува 12 месеци по 50 илјади тони месечно со можност за зголемување или намалување на динамиката, рече Ковачевски.
Сопствениот јаглен од Подински јагленови серии, како што кажа, ги чини 12 евра по тон, од Брод Гнеотино од 25 до 28 евра од тон, а од Живојно по 30 евра за тон.
-За Живојно веќе е завршена постапката за издавање на дозволите. Наскоро ќе го добиеме комплетниот документ и можеме да почнеме со работа. Првите количини на јаглен ќе можат да се транспортираат за четири до пет месеци, бидејќи прво треба да се прави откривка, па да се копа јагленот. За 2023 година е планирано од Живојно да добиеме 445 илјади тони јаглен со калорична вредност од околу 1.650 кило калории за првиот слој, посочи Ковачевски.
Ќе се набават, како што кажа и 400 илјади тони јаглен од Албанија по цена од 67 евра за тон, а пристигната е и понуда за количина од 250 илјади тони јаглен од Косово и од Албанија за потребите на РЕК Осломеј.
-Со нашиот јаглен и набавениот може да бидеме сигурни дека во грејната сезона ќе го произведеме потребното количество на електрична енергија и нема да има прекин во снабдувањето, потенцира Ковачевски.
Дел од капацитетите на ЕСМ веќе работат со полна сила, другите се подготвени или се подготвуваат за работа
Во моментов, како што кажа Ковачевски, двата котли во ТЕЦ Неготино работат со полна сила од 160 мегавати на мрежа, како и двата блока во РЕК Битола со капацитет од по 175 мегавати, РЕК Осломеј работи со еден котел од 75 мегавати, електраната КОГЕЛ во Скопје работи со 24 мегавати, ветерниот парк Богданци со 36 мегавати. Кај хидроелектраните сите 24 агрегати со вкупна инсталирана моќ од 554 мегавати се во функција и се добро подготвени и благовремено им се направени сите ремонти, но работат по потреба по систем на дотоци на вода, односно онаму каде што има поголеми дотоци се вклучуваат, а каде што има помали се исклучуваат.
-Во моментов хидроакумулациите се на 18,5 проценти од нивото, а за овој период од годината е предвидено да бидат на 20 проценти. Се очекуваат плус дотоци во текот на овој период. Хидропотенцијалот го чуваме и го штедиме и го употребуваме исклучиво за системски балансни услуги кога во моментот на часовна основа е потребно да се зголемува или да се намалува производството на електрична енергија, појасни Ковачевски.
Во моментов, како што кажа, ЕСМ има вишоци на електрична енергија од 50 мегавати во текот на ноќта во периодот од 2:00 до 7:00 часот. Тие се понудени на продажба во текот на минатата недела.
Во капацитетите на ЕСМ произведна за 20 отсто повеќе струја од лани
Заклучно со 13 декември годинава во капацитетите на ЕСМ се произведени 3.851 гигават час електрична енергија или за 26,9 отсто повеќе отколку во истиот период од 2021 година, посочи Ковачевски.
-Зголемено производство има кај термоелектраната РЕК Битола за 127,83 отсто, РЕК Осломеј за 125,42 отсто, во Ветерниот парк Богданци има зголемување од 110 отсто. Во хидросистемот има намалување на производството и во однос на претходната година е реализирано со 89,37 отсто. Таму има намалено производство заради штедење на водата. Во ТЕЦ Неготино, кое не работеше минатата година, годинава е реализиран 62,72 отсто од планот за производство заради прекинот на производството од 40 дена за ремонт на генераторот, појасни Ковачевски и додаде дека со тоа 100-процентно ги задоволиле потребите на универзалниот снабдувач ЕВН Хоум.
За целосна реализација на планот за производство за 2022 година на ЕСМ му фалат уште околу 110 гигавати. Тоа е заради доцнењето на вклучувањето на блок 3 во РЕК Битола во производство.
ЕСМ и годинава покри 100-отсто од потребите на ЕВН Хоум, ЕВН Електродистрибуција и МЕПСО
ЕСМ годинава од Владата беше задолжен да покрие 100 проценти од потребите на универзалниот снабдувач ЕВН Хоум, ЕВН Електродистрибуција и МЕПСО. Потребите на ЕВН Хоум на дневна основа изнесуваат околу 10.000 мегават часови електрична енергија, ЕСМ Електродистрибуција за загубите во дистрибутивниот систем на дневна основа има потреба од околу 4.500 мегават часови, а МЕПСО од 350 до 400 мегават часови електрична енергија за покривање на загубите во преносниот систем. Од 1 декември годинава ЕСМ преку ЕСМ Продажба има обврска со електрична енергија по повластена цена од 80 до 95 евра за мегават час да снабдува и дел од прехранбената индустрија, како и училиштата и водоводните претпријатија. Тие на дневна основа трошат околу 500 мегават часови електрична енергија. Покрај тоа дел од произведената електрична енергија е наменет за системските и балансните услуги и делот за сопствена потрошувачка во производството.
Иако за 2020 година ЕСМ согласно Законот за енергетика имаше обврска да покрива 60 проценти од потребите на универзалниот снабдувач ЕВН Хоум за снабдување на регулираниот пазар на електрична енергија со одлука на Владата задоволува 100 проценти по цена од 48 евра за мегават час.
За исполнување на договорите, пак, кон ЕСМ Електродистрибуција, МЕПСО, дел од прехранбената индустрија, училиштата и водоводните претпријатија ЕСМ Производство врши набавки на електрична енергија. Покрај тоа ЕСМ Продажба како и сите останати лиценцирани продавачи на електрична енергија набавува, но и продава електрична енергија со што ги реализира склучените договори со поголем дел од здравствените институции, министерствата и виталните институции во државата, како и со дел од државните институции. За нив ЕСМ Продажба нуди електрична енергија по цена на берзата HUPEX плус 5 отсто маржа. За ЕВН Електродистрибуција нуди по цена од 143 евра за мегават час, за МЕПСО по 220 евра, за прехранбената индустрија по 80 евра, а за училиштата и водоводните претпријатија по 95 евра за мегават час електрична енергија. Разликата во цената што ЕСМ Продажба што треба да ја даде кон ЕСМ Електродистрибуција, МЕПСО, дел од прехранбената индустрија, училиштата и водоводните претпријатија ја покрива Владата со буџетска поддршка директно кон ЕСМ Продажба.
Во октомври, ноември и декември согласно планот требаше да се набават 169.600 мегават часови електрична енергија. Во октомври, како што рече Ковачевски, поради топлото време не се вршеа набавки бидејќи конзумот на ЕВН Хоум беше помал па ЕСМ Продажба ја доби енергијата од ЕСМ наместо да ја набавува, во ноември има малку зголемена набавка и наместо предвидените 72.000 се набавени 93.890 мегават часови електрична енергија, а во декември се планирани 49.600 без при тоа да се покријат потребите на дел од прехранбената индустрија, училиштата и водоводните претпријатија. Досега се набавени 40.600 мегават часови, а следува уште една набавка од 7.480 мегават часови што треба да се реализира во периодот од 19 до 25 декември. Доколку е потребно ќе се реализира уште една до крајот на месецот од околу 8.000 мегават часови. Просечната набавна цена за ноември е 256, а за декември 402 евра за мегават час електрична енергија.
Доколку ЕСМ продаваше на слободниот пазар годинава ќе имаше добивка од 340 милиони евра
-Од јануари до 13 декември АД ЕСМ од Владата доби 141 милион евра како поддршка по основ на задолженијата за задоволување на 100 проценти од потребите на ЕВН Хоум за електрична енергија и за техничките загуби на дистрибутивниот систем на ЕВН Електродистрибуција и техничките загуби за преносниот систем на МЕПСО, рече Ковачевски.
Нагласи дека за таа намена вкупно биле планирани 275 милиони евра како буџетска поддршка на компанијата и додаде дека до крајот на годината најверојатно ќе им бидат префрлени уште 25 милиони евра што значи дека ќе се потрошат за 100 милиони евра помалку од планираните.
-Доколку за ЕВН Хоум испорачавме 60 отсто од потребите колку што беше нашата обврска согласно Законот за енергетика, а другите 40 отсто ги понудевме на слободниот пазар ќе имавме добивка од 274 милиони евра. За ЕСМ Електродистрибуција електричната енергија што ја продававме по 143 евра за мегават час ако ја продававме на слободен пазар ќе имавме добивка од 66 милиони евра или вкупно ќе ја завршевме годинава со добивка од 340 милиони евра, бидејќи нашата производна цена е околу 73 евра за мегават час, потенцира Ковачевски.
ЕСМ и догодина ќе ги грее скопјани
Како што истакна Ковачевски, скопјани преку АД ЕСМ имаат континуирано и стабилно снабдување со топлинска енергија во моментов, а така ќе биде и до крајот на грејната сезона. Природен гас е обезбеден до крајот на декември, а веќе е испратена понуда со барање до сите 34 лиценцирани компании во државата за испорака на гас за периодот јануари – април. При тоа, секој може да понуди доколку сака на месечно ниво или за сите четири месеци и да избере дали ќе понуди цена за месец или за сите четири месеци заедно. Понудите требаше да стигнат до 20 декември годинава. Во тендерот, како што појаснува се бараат количини и за работа на топланите заедно со ТЕ-ТО и без ТЕ-ТО, односно само за топланите,
-Најголем дел од топлинската енергија добиваме од ТЕ-ТО, а во функција и во производство со природен гас се и топланите Исток и Запад кои ги стопанисува АД ЕСМ, топланата Енергетика во нашиот капацитет во Гази Баба. Постигнат е и договор за деловно техничка соработка со топланата Скопје Север каде ЕСМ го обезбедува природниот гас за да имаат топлинска енергија и граѓаните во овој дел на Скопје, посочи Ковачевски.
Тој истакна дека ЕСМ формира нови компании за топлинска енергија и не ги презеде постојните од БЕГ поради што има мало доцнење на сметките за потрошена топлинска енергија што ги плаќаат граѓаните.
-Тоа бараше малку време за добро да се организираме и да извршиме набавка на сите потребни ресурси, а дополнително ги отворивме и наплатните пунктови. Граѓаните веќе ги добиваат сметките за октомври, а сега ќе ги добија и за ноември. Заради доцнењето при добивањето на сметките од страна на ЕСМ нема да се наплаќа камата или дополнителни трошоци. Откога ќе ги добијат сметките граѓаните кои нема навремено да ги платат ќе имаат дополнителни трошоци за неплатени сметки, рече Ковачевски.
Во завршна фаза, како што кажа, е и овозможувањето на електронско плаќање на сметките и нагласи дека во текот на грејната сезона нема да има промена на цената на парното греење.
The post ЕСМ следната година со уште еден предизвик, да обезбеди за 20 отсто поголемо производство од годинава appeared first on 24 Инфо.
Следете не, не има насекаде