септември 20, 2024

Кралството Холандија го обнови проектот за зајакнување на Судскиот совет, кој беше ставен во мирување во мај минатата година по случувањата во ова тело, кои кулминираа со незаконско разрешување на Весна Дамева од претседател на Советот.

Обновувањето на проектот доаѓа по враќањето на Дамева на чело на Судскиот совет откако Управниот суд во декември лани пресуди дека таа била разрешена од функцијата незаконски и без образложение.

Претседателката на Судскиот совет, како што соопштија оттаму, денеска се сретнала со холандскиот амбасадор во земјава, Дирк Јан Коп, кој ѝ го предал известувањето за обновување на проектот „Зајакнување на ефикасноста, отчетноста и транспарентноста на Судскиот совет на Република Северна Македонија“, финансиран од владата на Холандија.

Дамева освен за обновувањето на проектот изразила благодарност и за дадената доверба и поддршка.

„Претседателката Дамева изрази искрена благодарност за заложбите на амбасадорот Коп и Владата на Кралството Холандија, кои во исклучително краток период го обновија овој клучен проект за Судскиот совет на Република Северна Македонија, а воедно изрази благодарност и за дадената доверба и поддршка“, се наведува во соопштението на Судскиот совет.

За средбата преку објава на социјалната мрежа Фејсбук информираа и од Амбасадата на Холандија во земјава. Оттаму велат дека одлуката за продолжување на проектот МАТРА е донесена, односно се заснова на детална анализа на позитивните случувања во Советот, како и на барањето на Дамева и изразената посветеност од нејзина страна за целосно спроведување на препораките на оценската мисија на Европската Унија (ЕУ).

<!– PA Ad Tag – infomax.mk_ros_300x250

„Задоволни сме што проектот може да му помогне на Судскиот совет да започне да се справува со предизвиците идентификувани од експертите. Холандија останува посветен партнер на Северна Македонија во нејзините реформски напори, сè додека тие се вистински и го унапредуваат владеењето на правото во земјата“, рекол амбасадорот Коп на средбата со Дамева, се вели во соопштение на официјалниот фејсбук-профил на холандската амбасада во земјава.

Инаку, холандскиот амбасадор, кој во јавноста е познат по своите директни пораки во врска со состојбите во земјава, враќањето во живот на проектот го најави кон средината минатата месец, исто така на средба со Дамева, кратко по нејзиното враќање на функцијата претседател на Судскиот совет.

Амбасадорот тогаш, како што беше соопштено, изрази задоволство што ова тело е повторно легален субјект.

„Од големо значење и итност е сега да се започне со враќање на довербата на јавноста и меѓународната заедница во Судскиот совет. Госпоѓа Дамева направи преглед на начинот на кој на транспарентен начин ќе ги имплементира препораките на оценската мисија на Европската Унија“, пишуваше тогаш во фејсбук-објавата на Амбасадата на Холандија во која информираа за средбата Коп–Дамева.

Проектот поврзан со Судскиот совет Холандија го стави во мирување поради, како што изјави амбасадорот Коп во мај минатата година, низата превирања во ова тело кои кулминираа со разрешувањето на Дамева.

Весна Дамева е ново-стара претседателка на Судскиот совет, откако во очи на Нова година, стигна пресудата на Управниот суд со која беше поништена одлуката за нејзиното разрешување од 4 мај 2023 година. На седницата на 3 јануари годинава, доскорешниот претседател на ова тело, Сашко Георгиев поднесе оставка, а Дамева се врати на претседателското столче во Советот.

Следете не, не има насекаде

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Generated by Feedzy
mk_MK
mk_MK