септември 23, 2024

Прашан која била причината да се предомисли бидејќи неодамна изјави дека не е заинтересиран да биде кандидат за претседател, и дали оваа понуда била клучна за да му се приклучи на опозицискиот блок на Албанците, Таравари одговори одречно, појаснувајќи дека предлогот за кандидатура бил од пред еден месец, а дошла на инсистирање од пријатели, другари и истомисленици. Конечната одлука, додаде, ја донел доцна синоќа

Од градскиот плоштад во Гостивар, актуелниот лидер на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, ја објави кандидатурата за претседател на државата. Таа, како што кажа, е на предлог на Претседателството на партијата и со поддршка од опозициските партии на Албанците, здружени во коалицијата „Европски сојуз за промени“.

Од прес-конференцијата на Арбен Таравари во Гостивар, на која ја објави кандидатурата за претседател на државата / Фото: Фејсбук-профил на Арбен Таравари

Во друштво на лидерите на трите партии кои ја сочинуваат оваа коалиција, Изет Меџити (Демократско движење), Африм Гаши (Алтернатива) и Билал Касами (Движење Беса), Таравари и повеќемина поддржувачи, промовирајќи ја кандидатурата, се осврна на четири работи: дека мотив во трката за претседател ќе му биде Хипократовата заклетва што ја дал како лекар, дека поддршка ќе бара од сите партии на Албанците и дека освен од Албанците, со почит ги очекува гласовите и од граѓаните од другите етнички заедници кои живеат во земјава.

Ова тој го заокружи со пораката дека:

 „Дојде време државата да има претседател Албанец, не технички, туку вистински“.

На почетокот на своето обраќање, Таравари рече дека е привилегија да ја има поддршката од толку многу фактори, мислејќи на поддршката од Претседателството на Алијанса за Албанците и партиите од „Европскиот сојуз за промени“.

„Одговорност е да се биде нивен избраник и нивен човек од доверба. Мисијата е да бидам ваш глас. Кога дипломирав за доктор, ја положив Хипократовата заклетва, а за мене најважен дел од заклетвата беше кога кажав дека свечено се обврзувам дека мојот живот ќе го ставам во служба на хуманоста. Ова ветување ме следи во секоја година и ден од мојата работа и ова ветување нека биде мојот мотив во оваа трка“,

рече Таравари.

Тој порача дека со неговиот избор се создава можност диверзитетите во нашата земја да ги претвориме во уметност на соживот и хармонија.

„Со заемна почит ќе можеме да се вратиме на сонот кој сите можеме да го имаме и да го оствариме. Јас верувам дека ова е вистинскиот ден за почеток. Навраќајќи се на мојата заклетва кога ја добив титулата лекар, се обврзав дека во извршувањето на мојата професија нема да влијае религијата, националноста, расата, политиката или класните припадности. Сакам овие зборови добро да ги запаметите, бидејќи тие ќе ја изразуваат суштината на моето ветување и задачата која еден претседател треба да ја има кон луѓето во нашата држава“,

рече актуелниот претседател на Алијанса за Албанците и градоначалник на Гостивар.

Таравари со лидерот на Беса, Билал Касами (лево) и со претседателот на Алтернатива, Африм Гаши / Фото: Фејсбук-профил на Арбен Таравари

Од претседателската кампања рече оти очекува таа да биде приказна за инспирација, европеизација и триумф, истовремено посакувајќи им успех на другите кандидати.

Кандидатот за претседател рече дека освен од сите партии, поддршка ќе побара и од невладините организации и од сите групи граѓани, но пред сè од народот.

„Значи јас ќе побарам поддршка од сите политички партии, вклучително и другите политички партии на Албанците, на Македонците, Бошњаците, Турците, Ромите и сите што сметаат дека јас сум човекот којшто треба да ја предводи државата во следните пет години. Исто така бараме поддршка и од невладините организации, од сите групи на граѓани, било како и да се организирани, но пред сè ќе барам поддршка од народот, којшто е најбитен за нас, за мене конкретно како кандидат за претседател на државата“,

рече Таравари.

Одговарајќи на новинарски прашања, тој рече дека неговата кандидатура ќе оди преку собирање потписи, бидејќи го немаат доволниот број пратеници за оваа постапка да ја спроведат во Собранието.

„Мораме со потписи бидејќи ни требаат 20 или 30 пратеници, а ние толку немаме, така што ќе одиме со пописи. Се надевам дека набргу кога ќе започнат роковите за собирање на 10 000 потписи да ги собереме за ден-два“,

рече Таравари.

Прашан која била причината да се предомисли бидејќи неодамна изјави дека не е заинтересиран да биде кандидат за претседател, и дали оваа понуда била клучна за да му се приклучи на опозицискиот блок на Албанците, Таравари одговори одречно, појаснувајќи дека предлогот за кандидатура бил од пред еден месец, а дошла на инсистирање од пријатели, другари и истомисленици. Конечната одлука, додаде, ја донел доцна синоќа.

„И седнавме со партиите од опозицијата, сега сме веќе заедничка опозиција на Албанците, во сабота ќе го официјализираме ова и сме тело кое ќе функционира заеднички, и дојдовме до констатација дека најдобро би било јас да се кандидирам за претседател и јас одлучив доцна синоќа дека дефинитивно ќе се кандидирам и мислам дека ќе добиеме поголема поддршка отколку што очекуваме“,

кажа тој.

Надежта за добар резултат, рече Таравари, секогаш постои, а во таа насока тој направи споредба со изборот на Барак Обама за претседател на САД.

Билал Касами и Арбен Таравари / Фото: Фејсбук-профил на Арбен Таравари

Тој додаде дека избрал да биде претседателски кандидат иако, како што рече, од лидерот на БЕСА, Билал Касами, му било понудено да бира што сака.

„Заедно анализиравме и донесовме заклучок дека многу ни е важен 24 април, кога ние сигурно ќе одиме во вториот круг на претседателските избори, а понатаму ќе видиме. Во Америка се случи пред 15 години да победи човек со црна боја на кожата и зошто да не може во Македонија, после 30 години демократија, да добиеме поддршка пред сè од Албанци, но и од Роми, Бошњаци, Турци, Македонци. Јас сум сигурен дека ќе добиеме гласови и колку што не очекуваме“,

кажа Таравари.

Прашан за коментар околу иницијативата на претседателот на Централното собрание на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, околу неговото разрешување од претседателската функција во партијата, Таравари рече дека тоа е легитимно право во партијата.

„Внатре во партијата секогаш има разногласие и нема ништо лошо во тоа. Меѓутоа јас ја гледам поддршката и внатре во Централното собрание каде сме 60 наспроти 40 отсто. Тоа собрание јас го наследив пред една година. Меѓу членството разликата е исто така 60 наспроти 40. Меѓутоа, кај народот тоа е 90 наспроти 10 отсто“,

рече Таравари.

Тој додаде дека Алијанса за Албанците е формирана како антипод на ДПА.

„Ние со Села можеме да го убедиме нашето членство, меѓутоа гласачот и граѓанинот да го убедиш дека треба да ѝ помогнеме на ДУИ сега мислам дека е контроверзно и нема да се прифати никогаш. Ако одевме ние со ДУИ, ќе не саботираше гласачот. А, нас ни треба кредибилитет да се вратиме на како што почнавме пред 10 години. Тоа беше како фракција од ДПА, која има задача да ги донесе промените во албанскиот блок“,

додаде Таравари.

Според него, тоа не може да го направат сами и затоа, како што рече, имаат партнери со кои во сабота ќе имаат конечен договор и заедно ќе ја донесат долгоочекуваната промена во албанскиот политички блок.

Следете не, не има насекаде

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Generated by Feedzy
mk_MK
mk_MK