На директно прашање, дали смета дека смртта на Навални е резултат на убиство, американскиот претседател одговори: „Нема сомнеж дека смртта на Навални е последица на нешто што Путин и неговите насилници го направиле“
Претседателот на Соединетите Американски Држави (САД), Џо Бајден, во изјава од Белата куќа го обвини рускиот претседател Владимир Путин дека е одговорен за смртта на Алексеј Навални.
Американскиот претседател рече дека не е изненаден, туку огорчен од смртта на рускиот опозициски лидер и најжесток критичар на Путин.
„Путин е одговорен за смртта на Навални…Она што се случи и се развива е уште еден доказ за бруталноста на Путин. Никој не смее да се залажува, ни во Русија, ни дома, никаде во светот. Путин не ги таргетира само граѓаните на другите земји, како што гледаме од она што се случува во Украина во моментов, тој прави ужасни злосторства и на сопствениот народ“,
рече Бајден, пренесува „Гардијан“.
Тој, во обраќањето му оддаде почит на Навални, за кого рече дека бил храбар и принципиелен, посветен на визијата за Русија како земја во која ќе владее правото.
На директно прашање, дали смета дека смртта на Навални е резултат на убиство, американскиот претседател одговори:
„Нема сомнеж дека смртта на Навални е последица на нешто што Путин и неговите насилници го направиле“,
рече Бајден.
Американскиот претседател го искористи обраќањето за да ги повика законодавците во Претставничкиот дом на САД да не одолговлекуваат со усвојувањето на пакетот финансиска помош за Украина и да ѝ помогнат на земјата да се одбрани од руската инвазија.
Имено, претседателот на Претставничкиот дом, Мајк Џонсон од републиканската партија, сè уште не предложил гласање за нацрт-законот за помош на Украина, кој оваа недела помина во Сенатот.
„Историјата го следи Претставничкиот дом. Неуспехот да се поддржи Украина во овој клучен момент никогаш нема да биде заборавен. Часовникот отчукува. И ова мора да се случи. Сега треба да помогнеме“,
предупреди американскиот претседател.
Бајден го нападна и поранешниот претседател на САД и најизвесен кандидат од редовите на републиканците за нов мандат на престојните избори, Доналд Трамп кој предизвика бура од реакции по предизборниот говор минатиот викенд, кога изјави дека ќе ја охрабри Русија да ги нападне земјите-членки на НАТО кои не одвојуваат доволно финансиски средства за Алијансата.
„Мораме да сфатиме со што си имаме работа. Сите ние треба да ги отфрлиме опасните изјави дадени од претходниот претседател кој ја покани Русија да ги нападне нашите сојузници од НАТО, доколку тие не плаќаат… Претпоставувам дека треба малку да размислам и да не го кажам она што навистина го мислам, но дозволете ми да бидам јасен. Срамно е за еден (поранешен) претседател да каже такво нешто. Сè додека сум јас претседател, Америка ќе опстои на нејзината света посветеност кон сојузниците во НАТО“,
рече Бајден.
Инаку во врска со Навални, Белата куќа и понатаму бара дополнителни информации за неговата смрт во руската казнена колонија во Арктичкиот круг, каде што беше испратен пред помалку од два месеци.
Новиот развој на настаните и реакцијата на Бајден дополнително ги заладуваат и онака лошите односи меѓу САД и Русија.
Четириесет и седумгодишниот Навални беше еден од водечките критичари на Путин, а Бајден во 2021 година, во пресрет на средбата со Путин во Женева, рече дека евентуална негова смрт може да има сериозни последици за рускиот лидер.
Рускиот опозициски лидер беше зад решетки од 2021 година. Затворската казна во август минатата година му беше продолжена на уште 19 години, а неодамна беше испратен во затворот „Поларниот волк“, кој важи за еден од најстрогите во рускиот затворски систем.