ноември 23, 2024

На први март Ана Михајлоска беше исклучена од апаратите кои ја одржуваа во живот. Ана замина онака како што живееше. Правдољубиво, смело, храбро, сомилосно и дарежливо. Бесценетата, врвна дарежливост на Ана е подарувањето два живота (на Тино З. од Скопје и Мејреме А. од Тетово) во „замена“ за сопствениот. И двајцата водат нормален живот или како што има речено Тино, се во најблизок вид соживот со Ана.  Од приказната на Ана произлезе романот „Индиго Бомбај“ во кој на чудесен начин се испреплетуваат две приказни. Романот ѝ е целосно посветен Ана, исто како и овој разговор со Јагода Михајлоска- Георгиева, авторката на романот и сестра на Ана.

Разговор кој го објавуваме на годишнината од нејзината смрт, благодарни за се она што беше Ана.

На 14 февруари 2006 година, Ана Михајлоска ненадејно ја погоди разорно мозочно крвавење предизвикано од аневризма. Две седмици траеше борбата на лекарите да ја одржат во живот, но последните неколку дена западна во неповратна кома. Медицинскиот тим, по опсежните, специјални, детални испитувања им соопшти на најблиските дека многу брзо, можеби дури и со часови мерено, доаѓа крајот на нејзиниот живот, кој и онака одвај го одржуваа само со помош на апарати.

-Ние од најблиското семејство, синот Александар Трајковски, сестра ми Орденка Кузмановска, јас и нашата тетка Стевка Лечевска, во тие, за нас ужасни мигови, едногласно одлучивме да ги донираме нејзините бубрези. Експлантацијата и трансплантацијата беа успешно извршени токму на овој ден, 2-ри март. Тогаш се’ уште не постоеше законска регулатива за донирање органи, па беа доволни нашите потписи за согласност. Потврда дека постапуваме така како што и сестра ми Ана би постапила ни беше целиот нејзин дотогашен живот. Имаше широки сфаќања и далекусежни погледи, често изјавуваше дека би сакала кога ќе почине, нејзиното тело наместо да биде погребано, да им се даде на студентите по медицина за да се обучуваат. Жестоко и гласно реагираше на расистички, шовинистички, верски, полови и други видови предрасуди и поделби, на секаков вид дискриминација. Беше исклучително правдољубива, слободоумна, самосвојна, сомилосна и дарежлива. Ана беше меѓу првите што вдоми две босански семејства побегнати од бомбардирањето на Сараево –раскажува Јагода.

„Индиго Бомбај“ романот посветен на Ана,

Бесценетата, врвна дарежливост на Ана секако е подарувањето два живота на Тино З. од Скопје и Мејреме А. од Тетово во „замена“ за сопствениот. И двајцата, вели Јагода веќе осумнаесет години водат нормален живот, или како што има речено Тино, се во најблизок вид соживот со Ана.

  

Романот „Индиго Бомбај“ која Јагода го напиша е инспириран и посветен на Ана.

-Романот е спој на две вистинити приказни. Првата, од 1994 година кога бев во Бомбај денешен Мумбаи и имав прилика да се сретнам со Индијци коишто им ги продаваа поради крајна немаштина бубрезите на странци од сиот свет, па и од Македонија. Нивните трогателни, драматични и истовремено восхитувачки судбини, не помалку ни животите на странците купувачи, ме опседнуваа со години. Втората, пак, приказна од 2006 година е ова што веќе го раскажав за сестра ми Ана. Всушност, донирањето на нејзините бубрези најверојатно беше поттикнато од моите бомбајски доживувања, иако за тоа никој од нашето семејство, ниту јас, не беше свесен тогаш кога ја донесовме одлуката. Така, во „Индиго Бомбај“ на чудесен начин се испреплетуваат тие нешта, навидум различни, а толку слични. Романот ѝ е целосно посветен на сестра ми Ана, којашто е главен женски лик во него. Пишував за неа, како таа, а не јас, да била во Бомбај – вели Јагода.  

Кога сопствена болка  раѓа надеж во човечноста

Денес кога трансплантацијата станува дел од медицината кај нас и почнуваме се повеќе да зборуваме за органодонорството, приказната за Ана е повеќе од убава приказна. Тоа е одново оддавање почит на една исклучителна жена и на нејзиното прекрасно семејство.

-Во оваа пригода зборуваме за органодонорство, но секој од нас има бескрајни можности, на различни начини и по различни поводи, да ја изрази својата љубов, емпатија, хуманост, па макар било тоа низ сопствена болка што раѓа надеж во човечноста.Човештвото е збир од поединечни индивидуи, секој поединец, според сопствените капацитети, пориви и мотиви за хумано постапување, е мала, но битна коцкичка во огромниот мозаик наречен човештво. Отсекогаш сум оптимист, ја гледам светлата страна на нештата што не значи дека замижувам пред темната. Па така, според мене, ни надежта во хуманост, ниту пак хуманите дела не се „загрозен вид“ што треба да се спасува. Жилави се, опстојуваат наспроти се- вели Јагода.

Така и опстанува приказната за Ана и за сите оние семејства кои во својата болка најдоа сила да помогнат некому кого и не го познаваат. Нивните приказни се инспирација за сите нас.         

-Било за кое семејство што донирало органи и било за кој што заминувајќи од својот, оставил зад себе живот, чувствувам длабок порив до земја да се поклонам пред него.  Сите тие до солзи ме трогнуваат и ме одушевуваат. Имам желба да ги запознаам, да ги прегрнам, да им кажам дека знам низ што се’ поминуваат, дека ми е познато колку храброст и емпатија се потребни за да се донесе таква одлука, дека ја чувствувам нивната болка по заминатиот близок, но истовремено и нивната радост што, на некој начин, тој продолжува да постои во нечиј друг живот. А најмногу од се’ имам потреба да им се заблагодарам што се светли точки на човечност во она што го нарекуваме човештво – вели Јагода.

Таа, нејзиното семејтво, нејзината Ана и сите оние смејства кои во изминативе години ги донираа органите од нивните блиски се хероите на ова  време.    

Тино Зафирофски, примател на бубргот на Ана

“После 5-6 години на дијализа ја добив можноста да ми биде трансплантиран бубрег. Беше многу неочекувано. Не можев да си поверувам, ниту вечерта кога ми се јавија од нефрологија, ниту утредента кога отидов на клиника. Во тој период органодонорството како да беше во некоја пауза, повеќе од 10 до 12 години. Јас и уште една жена бевме првите кои примивме органи после подолг период од мртов донор. Јас се спремав за трансплантација за во Русија, правев испитувања на ткива, кога ме најде оваа вест. Брзо се спремав кога бев повикан, иако тогаш не ни знаев од кого е бубрегот. Еве, добро живеам веќе 18 години. Сега сум пензионер, и можам дa кажам дека да не беше ковидот, ќе бев и со подобро здравје. Короната сите не засегна. Дарувањето органи е многу важен чекор, и за тоа треба да се зборува, јавно, и гласно. Ни треба некоја постојана акција за подигнување на свеста за значењето на трансплантацијата.” 

фото на насловна Милош Димковски

Следете не, не има насекаде

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

mk_MK
mk_MK