ноември 23, 2024

Пред неколку дена, на Бирото за јавни набавки се објавени две рамковни спогодби чија потенцијална вредност изнесува 1,2 милиони евра по договор, со предмет на набавка – следење на исполнување на обврските од потпишани договори со државна помош со големи инвеститори („Кемет електроникс“ и „Гересхајмер“). Договорен орган е Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони

Но, Дирекцијата има таква служба за следење на договори во својата систематизација. Директорот Јован Деспотовски вели капацитетот и е мал, а платите не им се конкурентни за да привлчат кадар. Поинаку мисли Државниот завод за ревизија и од НВО „Центар за управување со промени“

Внесете го термин „инвестиција“ во пребарувачот на Јутјуб каналот на Владата и ќе добиете повеќе десетици резултати.

Владата на почеток на градбата…

Владата на официјално отворање…

Владата на презентација на нова инвестиција…

Премиерот, министри, директори… редовно се присутни на секој позначаен настан на инвеститорите во слободните економски зони.

Приватни ревизори за приватни инвеститори

И тоа не е нешто ново. Но, нови се два договора што ги склучила Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони.

За прв пат, Дирекцијата најмува приватни фирми за да го следат исполнувањето на обврските од потпишани договори за државна помош со конкретни инвеститори. Едниот договор се однесува на следење на инвестицијата на „Гересхајмер“, другиот за инвестицијата на „Кемет електроникс“.

Станува збор за рамковни спогодби, склучени за временски период од пет години, секоја вредна по 1,2 милиони евра. Тоа што спогодбите се рамковни, значи дека може, но и не мора да се потроши целата сума предвидена за јавната набавка.

Тендерот за следење на обврските од договорот со „Гересхајмер“ го добила ревизорската куќа „Грант Торнтон“. За следење на договорот со „Кемет Електроникс“ е избрана ревизорската куќа „Крестон“, која конкурирала заедно со „Ековис Аудит“.

Јован Деспотовски, директор на Дирекцијата за технолошки индустриски зони

Следењето на договорите, меѓу другото, или во најголем дел, подразбира не само следење на обврските на инвеститорите туку и процесирање на барањата за исплата. Што подразбира тоа? Тоа подразбира дека за секој еден договор, во текот на една година, инвеститорите имаат право да достават до Владата, односно до Дирекцијата, барање за исплата на финансиски средства. Во моментот на пристигнување на тоа барање, целокупното досие од наша страна, по постојниот модел, се проследува до една од овие три меѓународни ревизорски куќи коишто работат целосна проверка, обработка, теренска посета ако е потребна, собирање на сето она што се потребни документи од страна на различни институции притоа ние добиваме готов извештај со наоди во којшто стои – или барањето е одобрено, или барањето не може да се одобри од тие и тие причини“,

вели Јован Деспотовски, директор на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони.

Договорите за следење на инвестициите поради кои побаравме став од Деспотовски се досега најголеми, но не и единствени. Институцијата склучила годишни договори за „мониторинг на договорите за доделување на државна помош“ во 2023 и во 2022 година. Рамковниот договор за 2023 година изнесува околу 770 000 евра и е на 24 месеци. Тој во 2022 година е двојно помал – околу 380 000 евра и е за период од 12 месеци.

Дел од органограмот на Дирекцијата за ТИРЗ

Во исто време, на интернет-страницата на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони стои органограм во кој пишува дека институцијата има свој Сектор за анализа, преговори и следење на договори за државна помош. Поточно, Дирекцијата има вработени што треба да ја вршат работата за која се најмуваат приватни ревизорски куќи.

Деспотовски вели дека бројот на инвестиции е преголем за да се следи со внатрешни капацитети, кои, пак, не може или нема есап да се зголемат.

Лично, не сум поборник дека во државната администрација треба дополнително да ангажираме капацитети и ресурси за работи кои реално може да ги аутсорсираме. Притоа да обезбедиме квалитет, транспарентност и според сите математики, поголема рационалност…

Реалната ситуација е дека и да сакаме да ги вработиме тие луѓе, со просечна плата од јавна администрација од 30-35 илјади денари, нема да ги најдеме. Или ќе треба да земеме студенти од економски факултет, со целото почитување на тие факултети, коишто ќе треба да стекнуваат искуство и да учат со милионски барања за државна помош за што не сметам дека е добра заштита на јавниот интерес“,

изјави Деспотовски.

Што фали да има млад кадар?

А зошто да не се земат студенти или млади професионалци, кои под надзор на искусните колеги, би го зголемиле капацитетот на администрацијата во Дирекцијата? Ова реторичко прашање е на Неда Малеска-Сачмароска од Центарот за управување со промени – невладина организација која дејствува во областа на јавната администрација.

Неда Малеска Сачмароска, извршна директорка на НВО „Центар за управување со промени“

Вие навистина треба да инвестирате внатре, човечки капитал за да може да ги развиете и да ги подобрите капацитетите во долгорочни рамки. Но, има и уште еден важен момент а тоа е денеска, во време на дигитализација, ние навистина имаме начин како да воспоставиме системи кои ќе ги го олеснат водењето на евиденција на инвеститорите и администрирањето на документите во однос на оправданите трошоци и на тој начин да поставите еден систем, а имате одговорност како функционер да поставите еден систем кој ќе го наследи идните раководители кој ќе функционира низ годините, систем кој ќе треба да обезбеди функционалност на оваа институција“,

вели Неда Малеска-Сачмароска, извршна директорка на НВО „Центар за управување со промени“

Според Малеска-Сачмароска, пример дека државните институции може и треба да градат капацитетите, е ИПА-структурата која работи на фондовите кои Европската Унија ги доделува во различни области.

Еве само за споредба, ако во однос на државната помош во изминатите седум години се потрошиле 97,5 милиони евра според наодите од извештајот од Државниот завод за ревизија, во ИПА-структурите се администрирале, се спровеле, се исплатиле околу 500 милиони евра во седум години, околу 77 милиони евра годишно. Значи ИПА-структурите, со интерен капацитет, со административен капацитет со исти плати како овие во Дирекцијата, успеваат да испорачаат и да ги реализираат договорите преку овој инструмент“,

вели Малеска-Сачмароска.

Според Малеска-Сачмароска, ангажирањето приватни фирми кои вршат суштински делови од работата на институциите, може да биде само преодно, а не и трајно решение.

Колку „тежат“ ревизорските куќи

А за колкави капацитети станува збор, се обидовме да дознаеме преку податоците во Централниот регистар за ревизорските куќи кои ги најмува Дирекцијата. Според последните достапни годишни извештаи, за 2022 година, само „Прајсвотерхаускуперс“ има приход во седум цифри – околу 3,3 милиони евра. Таа година имале, во просек, 79 вработени.

Финансиски резултати на ревизорските куќи кои ги најмува Дирекцијата за ТИРЗ за 2022 година

„Грант Торнтон“, кој ја доби петгодишната рамковна спогодба од 1,2 милиони евра за следење на „Гересхамер“, во 2022 година имала 33-ца вработени и приходи од 838 700 евра. „Крестон“, кој ја доби петгодишната рамковна спогодба од 1,2 милиони евра за следење на „Кемет Електроникс“, во 2022 имала во просек двајца вработени и приходи од 87 400 евра. Всушност, фирмата е формирана таа 2022 година. Партнерот на „Крестон“ во мониторингот над „Кемет Електроникс“, пак, во 2022 имал 15 вработени и приходи од 392 600 евра.

Ова значи дека фирмите што ќе ги следат „Кемет“ и „Гересхајмер“ во 2022 година имале вкупно 50 вработени – бројка со која ја опслужуваат и Дирекцијата и другите клиенти. Според Деспотовски, и покрај се, порационално е да се ангажираат приватни ревизорски куќи, наместо да се вработат нови административци.

Јован Деспотовски, директор на Дирекцијата за технолошки индустриски зони

Јован Деспотовски: Значи во моментот, тие компании, според моите информации веројатно се и повеќе бројот, ангажираат некаде повеќе од 200-250 вработени. Значи ние во моментот имаме на договор, како држава, како Дирекција, ангажирано капацитети кои што ни стојат на располагање од 250 луѓе. Трошокот за тие 250 луѓе годишно надминува 5 милиони евра.

360: Нема да се согласам. Ревизорските куќи немаат толку вработени.

Јован Деспотовски: Па имаат. Значи само „Грант Торнтон“ има повеќе од 100 луѓе.

360: Не во ревизорската куќа

Јован Деспотовски: Значи јас зборувам, ангажираме како капацитет...Во ред, нема проблем, еве и да се 100 вкупно, нема проблем, за истите тие да ги ангажираме директно во дирекцијата тоа ви се годишни трошоци за плата повеќе од милион и пол евра бруто.

360: Ревизорските куќи коишто ги најмивте на последните оглас, вкупно на 2022 година, немаат повеќе од 50 вработени заедно. Тоа е прва работа. Втора е што тие освен што работат за вас, работат и на многу други проекти. Така што, дека ви се потребни 100 луѓе мислам дека е…

Јован Деспотовски: Не реков дека се потребни, реков дека ангажираме капацитети за тој износ и повторно ќе кажам значи…

360: Сакам да кажам, дали е сепак порационално да се ангажираат 15 луѓе со капацитет стриктно само за оваа област?

Јован Деспотовски: Вие велите треба да ангажирате 15 луѓе. Добро. За тие 15 луѓе треба да обезбедам канцеларија. Да обезбедам лаптоп, да обезбедам греење, ладење, кај ви се боледувања, годишни одмори. Сето тоа е трошок. Ние тоа го забораваме.

ДЗР гледа ризик

Одлуката на Дирекцијата да најмува приватни фирми за следење на договорите за државна помош е предмет на критика на Државниот завод за ревизија. Во извештајот на тема „Развојот и работењето на технолошките индустриски развојни зони, на страница 29, пишува дека:

Седиштето на Државниот завод за ревизија

„Набавката на услуга која се однесува на доделување на договор за вршење на дејноста на Дирекцијата создава ризик за континуирано и одржливо извршување на работните задачи.“

Во истиот документ е нотирано и дека во Дирекцијата има Сектор за државна помош и контрола на извршувањето на договорите. Но, таму, од 17 систематизирани работни места, пополнети биле само 8. Секторот и двете одделенија немале назначено раководители. Во моментот на вршење на ревизијата, работни задачи поврзани со државната помош извршувале само 4 лица.

„Многу се суштински забелешките и забелешките упатуваат на сите овие моменти. Ако сакате да го подобрите надзорот над исплатите на корисниците, на инвеститорите, мора да инвестирате внатре во човечки капитал, тие назначуваат дека не е во ред да аусорсирате ваков тип на услуга, него мора да инвестирате внатре во институцијата, но исто така укажуваат дека треба да инвестирате во сите други елементи кои што сте ги аутсорсирале. Во случајот на дирекцијата станува збор и за сметководството, евиденцијата и така натаму“,

вели Неда Малеска-Сачмароска.

Малеска и Деспотовски се согласуваат само во една работа. Дека е најлесно и најбрзо работата да се даде на приватна фирма. Но, и Малеска и државниот завод за ревизија го делат ставот дека тоа не е и најдоброто решение.

Следете не, не има насекаде

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

mk_MK
mk_MK