По желба и со благослов на нашиот возљубен светителољубив Старец и Игумен, Епископот Антаниски г. Партениј, овие дена новоизработената икона на Светиот Великомаченик и Чудотворец Георгиј Победоносец, од страна на неколку наши отци и браќа беше однесена во Светата Гора Атонска, во двата манастира посветени на Светијата, Светите Обители Ксенофонт и Зограф, за таму да го прими благословот и да биде осветена од првообразната чудотворна Молдавска икона што се чува во зографскиот католикон.
„Учествувавме во исклучителен историски настан, којшто е голем благослов од Господ и го почувствувавме изобилието на благодатта Божја на Светата Гора Атонска“.
Постојаното благословено чувство на реалното присуство на Светиот Георгиј за сето време на опходот, насекаде и непречено ни го отвораше патот, исполнувајќи го со восхит, радост, умиление и благодарност секого кој ќе ја здогледаше неговата прекрасна чудотворна икона.
„Особено допрени бевме од љубовта, вниманието и грижата на Ксенофонтскиот Старец, дедо Алексиј, кој татковски нѐ пречека и направи да се почувствуваме како дома. Силно ѝ се израдува на иконата! Кога ја виде веднаш почна да пее, да го фали, да му се моли на Светиот Георгиј, а потоа неуморно да ни ја раскажува историјата на Манастирот и на бројните чудотворни икони. Радоста што ја почувствува Старецот, ни беше светогорски благослов од Св. Георгиј. Неговите молитви и желби, за Светиот Победоносец да ни носи трофеи на победи, да нѐ заштитува, обединува и помага во делото на Едната Света Соборна и Апостолска Црква, беше изобилен излив на благодат, која ги стопли и стопи срцата.
„Голем благослов е за вашиот манастир и за вашата монашка заедница и за народот Божји таму доаѓањето на светата икона на Светиот Великомаченик Георгиј Победоносец. Посакувам Светиот секогаш да ве поткрепува, да ви носи трофеи на победа, на духовна победа, во оваа епоха којашто е особено тешка. Но силата и благодатта Божја секогаш ќе нè оснажуваат и застапништвата на Светиите ќе ни помагаат и ќе нè водат.
Ве молам пренесете му ја нашата најдлабока почит на Игуменот и Епископот Свет Антаниски г. Партениј, и да му кажете дека го љубиме и го очекуваме“ – со љубов ни зборуваше осветениот Христов слуга.
Потоа нѐ прими во својата игуменска одаја и нѐ почести со аристократската љубов во Духот. Неговата почит и љубов кон нашиот татко во Христа, Старецот Епископ г. Партениј, беа сублимирани во следниве негови зборови, изговорени со длабочина на искуство и подвиг: „Чувајте го, помагајте му, подражавајте го, оти вашиот Старец е просветлен човек, што е многу ретко во овие тешки години“. Овие зборови на осумдесетгодишниот Старец силно се отпечатија во нашите души.
Благодатта од преданието кое го пазат, почитта на поредокот во Манастирот и во устројството на Црквата, љубовта кон Таткото на Православните, Сесветиот Вселенски Патријарх г. г. Вартоломеј, беа вистински пример на дејствително христијанство и монаштво кое преобразува и спасува.
Нескриена беше радоста и воодушевеноста и во другата Свештена Обител на Св. Георгиј наречена Зограф, која ја посетивме следниот ден, со нетрпение очекувајќи да ја принесеме до чудотворната Молдавска икона и да го испросиме благословот и благодатта на Светиот да дојде и на нашата истообразна икона, изработена со страв Божји, вера и љубов. Радоста и задоволството на братството на Обителта со Старецот г. Амвросиј и на многуте духови на нашите предци кои духовно нѐ прегрнаа, ни беше гаранција за благоволението на Св. Георгиј врз иконата што ја приведовме.
И двајцата игумени со нивните братства беа воодушевени од прекрасната изработка на Иконата и ни посведочија за доброто и благословено дело што е направено. А ние си спомнавме за благочестивиот г. Ратко Капушевски со семејството, кој штедро ја обдари Рајчичката Обител со оваа скапоцена и историска Икона, молејќи се Бог да ги благослови со секаков небесен и земен дар, живот, здравје и спасение во Христа Исуса нашиот Господ и да ги удостои за Царството Небесно.
Оваа посета на Света Гора остана запаметена по братољубието, истодушноста и обединетоста во Христовата љубов и неговите Светии како наши обединители во Христа. Молитвите и благопожелбите на Светогорците беа застапништвото и благословот на Светиот Великомаченик Георгиј да биде со Старецот, братството, сестринствата, со нашата Црква и народ.
Официјалниот пречек на Чесната икона е предвиден за утре, сабота, 30 март, во Манастирот на Светиот Великомаченик Георгиј Победоносец во Рајчица. Покана за присуство имаат сите светителољубиви души кои сакаат да му оддадат достојна чест на Светецот и да го испросат неговиот благослов.
Следете не, не има насекаде