септември 21, 2024

„Со вакви минимални казни ова не е држава, ова е картел. Не веруваме во судот, ниту во пресудата. Ова беше еден филм, еден театар. Да дадеш автомобил, ти си соучесник на сторено дело, како да си дал оружје. Не можам да разберам како овие судат“, рече таткото на Самоил

Таткото на исчезнатиот Самоил Костадиновски, Љупчо Костадиновски, денеска по изрекување на пресудата за двајцата обвинети за грабнување и помагање, кои добија вкупно осум години затвор, рече дека не е задоволен од пресудата и истата ќе ја обжали на повисок суд.

Фото: Принтскрин

„Не сме задоволни од пресудата. Судот е корумпиран и сè е потплатено. Не може некој да украде еден точак или да украде дрва и да добие повисока казна. Не може еден човек да вреди со ваква минимална казна. Не веруваме во судот, ќе се жалиме да добијат повисока казна од ова. Некого да го удриш, да го нападнеш, ќе добиеш повисока казна од ова. Како тие од 27 април добија поголеми казни, а никого не убија, никого не киднапираа. Сите во Парламентот си седат и си крадат, а тие лежат со огромни казни. Тука син ми го нема, тој е убиен, а овие казни се смешни“,

рече тој.

Според него, уште на почетокот на истрагата, полицијата ја заташкала ситуацијата зашто, како што рече, обвинетите биле група која работела за полицијата.

„Со вакви минимални казни ова не е држава, ова е картел. Не веруваме во судот, ниту во пресудата. Ова беше еден филм, еден театар. Да дадеш автомобил, ти си соучесник на сторено дело, како да си дал оружје. Не можам да разберам како овие судат“,

рече таткото на Самоил.

Вкупно осум години затвор им пресудил Основниот Кривичен суд Скопје на обвинетите Виктор Милановски и Саша Челичиќ против кои се водеше процес за грабнување на Самоил Костадиновски, внук на политичарот и лидер на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски.

Самоил повеќе од една година се води за исчезнат.

Според судијката Славица Наумова Јосифовска, обвинетите Виктор Милановски и Александар Трпков, кој е недостапен на органите на прогон, се виновни затоа што на 3 март 2023 година на улицата „Христо Татарчев“ во Скопје заеднички извршиле грабнување со закана дека ќе го лишат од живот оштетениот Самоил Костадиновски, со цел, како што и рече таа, да се плати претходно украдена наркотична дрога – роба, за која оштетениот требало да ја плати, но не ја платил и не ги предал паричните средства, дека според судијката, обвинетиот Саша Челичиќ со умисла им помогнал во извршување на кривичното дело – грабнување.

„Согласно овие цитирани членови, судот првообвинетиот Виктор Милановски го осудува на казна затвор во траење од пет години и десет месец во која му се смета и притворот од 13.3.2023 година, а на обвинетиот Саша Челикиќ му се определува казна затвор од две години и два месеци, во која му се смета и притворот од 13.3.2023 до 11.7.2023 година“,

рече судијката. 

Обвинителот Дејан Петревски по изрекување на пресудата рече дека во овој момент има одредено задоволство од епилогот за случајот со грабнувањето на Самоил Костадиновски.
Посочи дека Обвинителството подоцна ќе се произнесе дали ќе има жалба на пресудата.

Следете не, не има насекаде

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Generated by Feedzy
mk_MK
mk_MK