септември 21, 2024

Во Извештајот на ДЗР се додава дека отсуствува долгорочен план за развој на системот на пренос на природен гас, што има влијание на идните активности за проширување и надградба на системот за пренос на природен гас, како и неговата интерконекција со другите држави

„Набавени се значајна вредност резервни делови и материјали за завршување на гасоводниот прстен околу градот Скопје, кој поради недоволна координација со надлежните служби на Град Скопје, не е завршен и на тоа место е изградена нова сообраќајница, поради што во иднина за да се затвори гасоводниот прстен околу градот ќе треба да се прават дополнителни активности и расходи“, се наведува во Извештајот

И по изминати 13 години, изградбата на магистралните гасоводи не е целосно завршена и дел од нив сè уште не се ставени во употреба, покажува ревизијата што ја направи Државниот завод за ревизија во АД за вршење на енергетска дејност пренос на природен гас НОМАГАС Скопје во државна сопственост, како правен следбеник на АД ГА – МА Скопје и АД за вршење на енергетски дејности Национални енергетски ресурси во државна сопственост. 

Ревизијата, исто така, утврдила дека отсуствува долгорочен план за развој на дистрибутивен систем на природен гас во државата, целосно самофинансирање на дејноста – пренос на природниот гас и реализацијата на идните активности за интерконекција со соседните држави. 

Неповолното влијание што го предизвика енергетската криза во државата во 2021 и 2022 година врз граѓаните и стопанството, појаснуваат од ДЗР, влијаеше врз одлуката да се направи оваа ревизија на усогласеност на тема „Развој на системот за гасификација во Република Северна Македонија‘‘ во овие две акционерски друштва. 

Со ревизијата бил опфатен период од 2019 година до септември 2023 година, но одредени области, прашања, настани и анализи се опфатени пред 2019 година и последователно до денот на известување за извршената ревизија. Опфатени се и прашања поврзани со правната рамка и развојот на гасоводната мрежа и гасификацијата во државата, како и спојувањето на акционерските друштва за гасификација НЕР и ГА-МА и организациска поставеност на новото друштво – НОМАГАС.

ДЗР констатира дека постапката за спојување на трговските друштва НЕР и ГА-МА во НОМАГАС е спроведена во јули 2022 година во согласност со Законот за трговските друштва. Целиот имот и обврските на НЕР и ГА-МА се пренесени, а сите вработени се пријавени во ново основаното друштво НОМАГАС. Ова друштво е впишано во трговскиот регистар на крајот на декември 2022 и започнува со работа од 01 јануари 2023 година. 

„Имајќи предвид дека процесот на планирањето на гасификацијата на територијата на целата држава е отпочнато во 2010 година, а нејзината имплементацијата е започната по пет години, односно во 2016 година, со ревизијата се утврди дека поголем дел од проектите кои се предвидени со физибилити студијата се отпочнати, но изградбата на истите се одвива со бавна динамика и постојат отстапувања во однос на планираната временска рамка, местоположбата на гасоводите, како и планираните финансиски средства за изградба“,

се вели во денешното соопштение од ДЗР. 

ЛОТ 1 – 36 увид на терен на состојбата на Блок станица Неготино / ФОТО: ДЗР

Во Извештајот се додава дека отсуствува долгорочен план за развој на системот на пренос на природен гас, што има влијание на идните активности за проширување и надградба на системот за пренос на природен гас, како и неговата интерконекција со другите држави.

Од ДЗР истакнуваат дека Република Северна Македонија увезува природен гас кај „Деве Баир“ на границата со Бугарија. Со ревизијата било утврдено дека функционалниот гасовод во државата е изграден во 1990-те години од минатиот век и се состои од еден магистрален гасовод кој се наоѓа на источната граница во месноста „Деве Баир“ и се протега преку Крива Паланка, Кратово и Куманово до Скопје, како и градските гасоводни мрежи во наведените градови.

Должината на магистралниот гасовод е 98 километри, а заедно со неговите блок станици и приклучни места за разводни гасоводи изнесува речиси 130 километри. Вкупната должина на градските гасоводни мрежи, од каде фабрики, правни субјекти, училишта, општини, ТИРЗ и други објекти се снабдуваат  со природен гас, изнесува речиси 80 километри. Набавната вредност на функционалната гасоводна мрежа, изнесува приближно 71 милиони евра од кои најголем дел или 49 отсто претставуваат вложување во магистрален и разводен гасовод Деве Баир – Скопје и 26 отсто отпаѓаат на изградбата на градската гасоводна мрежа во Скопје. 

„Во изминатиот период искористеноста на магистралниот гасовод е недоволна и по градовите во државата не постои формално воспоставена дистрибутивна мрежа. Потрошувачите се приклучени директно на преносната мрежа и природниот гас се користи единствено во индустријата и во јавните објекти, но не и во домаќинствата. Со ревизијата утврдивме дека и по изминати 13 години, изградбата на магистралните гасоводи не е целосно завршена и дел од нив се уште не се ставени во употреба“,

велат од ДЗР. 

Најголем дел се изградени, но сѐ уште не се ставени во употреба

Според извештајот на ДЗР, во периодот од 2014 до 2023 година за изградбата на магистралните гасоводи ЛОТ1-61 километри (Клечовци- БС5 изграден), ЛОТ 1 – 36 километри (БС5 – Неготино со ГМРС Штип и ГМРС Неготино), ЛОТ 2 (Неготино (Кавадарци) – Битола) и ЛОТ 5 (километри Гостивар-Кичево, Одобрение за градење) склучени се договори и анекси кон договорите, како и договори за непредвидени и дополнителни работи во вкупен износ од приближно 156,4 милиони евра.

Блок станица 11а/РЕК Битола која е дел од Делница ЛОТ2 / ФОТО: ДЗР

„Најголем дел од нив, иако се изградени, сѐ уште не се ставени во употреба. Причини за ваквата состојба се слабостите во делот на запишување на правото на сопственост на линиските инфраструктурни објекти, но и бавното решавање на предметите за експропријација за коишто во периодот од 2018 до 2022 година биле исплатени приближно два милиони евра“,  

се додава во извештајот.

Ревизорите утврдиле и слабости во следењето на реализацијата на договорите за изградба и надзорот над изградбата на магистралните гасоводи, како и во начинот на одржување на гасоводната мрежа. 

„За делниците кои не се изградени, а за кои се набавени материјали и резервни делови е утврдено несоодветно управување со нивната залиха, што претставува ризик од нерационално трошење на јавни средства“,

се додава во Извештајот.

На местото на гасоводниот прстен околу Скопје изградена сообраќајница

Имено, ревизорите утврдиле постоење на залихи на материјали и резервни делови, со вкупна вредност од приближно 1,6 милиони евра, кои се набавени пред 2019 година и не се користат, со што се доведува во прашање потребата од нивна набавка како и можноста истите да бидат застарени и неупотребливи.

„Набавени се значајна вредност резервни делови и материјали за завршување на гасоводниот прстен околу градот Скопје, кој поради недоволна координација со надлежните служби на Град Скопје, не е завршен и на тоа место е изградена нова сообраќајница, поради што во иднина за да се затвори гасоводниот прстен околу градот ќе треба да се прават дополнителни активности и расходи“,

велат од Државниот завод за ревизија.

Набавени цевки за изградба на Дистрибутивната мрежа за пренос на природен гас и
затворање на прстенот околу градот Скопје / ФОТО: ДЗР

Во извештајот се истакнати и состојбите кои се однесуваат на решавањето на долгогодишниот спор помеѓу Владата на Република Северна Македонија и АД за промет со нафта и нафтени деривати Скопје, преку откуп на акцијата на АД во ГА-МА, за што е донесен закон и направена е Проценка на капиталот на ГА-МА.  

Утврдено било и дека проценетата вредност од 65,5 милиони евра не е евидентирана во сметководствената евиденција на ГА–МА, ниту како основна главнина е впишана во Централниот депозитар на хартии од вредност на Република Северна Македонија и во Централниот регистар на Република Северна Македонија.

„Не оспорувајќи ги заложбите за решавање на спорот на државата и АД за промет со нафта и нафтени деривати Скопје, ревизорите обрнуваат внимание на начинот на кој била извршена трансакцијата за пренос на паричните средства и откуп на акцијата во износ од приближно 32,7 милиони евра“,

додаваат во Извештајот.

Оттаму додаваат дека на крајот на 2019 година од Буџетот на државата паричните средства за откуп на акцијата биле трансферирани на наменска сметка на НЕР во домашна банка, додека трансакцијата се реализирала по измината една година и осум месеци, односно на крај на август 2021 година, што, како што велат, има влијание на Буџетот на државата и неповолно се одразува на дел од основните буџетски цели и начела кои ги предвидува законот за буџетите.

Во останатата содржина од извештајот ревизорите укажуваат на потребите за развивање на дистрибутивен систем на природен гас во државата, целосно самофинансирање на дејноста – пренос на природниот гас и реализацијата на идните активности за интерконекција со соседните држави.  

За надминување на констатираните состојби дадени се препораки со цел преземање на мерки и активности за развој на гасификација на државата, со што би се постигнало добивање на поевтин енергент, пониски трошоци, заштита на животната средина, подобрување на квалитетот на живот на граѓаните, поврзување со соседните држави и поголема конкурентност на стопанството на странските пазари. 

Следете не, не има насекаде

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Generated by Feedzy
mk_MK
mk_MK