септември 21, 2024

„Имаше едне умен изум на еден претседател се викаше народна канцеларија. Одговорно тврдам дека ќе ги отворам за вас, да ве чујам, да ве прашам за совет“, рече кандидатката за шеф на државата поддржана од ВМРО-ДПМНЕ во своето обраќање на вечерашниот митинг

Во однос на надворешната политика, Силјановска-Давкова рече дека надвор нема да оди без изграден консензус за најважните државни и национални прашања. Кажа дека ќе ги почитува владата и Собранието, но и ќе ги критикува доколку отстапуваат од Уставот

Гордоста не се купува или подарува. Гордоста се заслужува. Ова беа првите две реченици со кои кандидатката за претседател на државата поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова го почна своето обраќање пред присутните на митингот организиран од партијата со кој беше означен почетокот на нејзината кампања во трката за шеф на државата. 

Гордана Силјановска-Давкова на вечерашниот митинг организиран од ВМРО-ДПМНЕ / Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Колажот од патриотски песни во модерен аранжман, по кој следуваше државната химна во изведба на Александар Тарабунов, го најавија главниот дел од митингот. Движејќи се меѓу насобраните на булеварот Илинден, пред зградата на Владата, Силјановска-Давкова и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски со партиското раководство застанаа во првиот ред пред бината каде покрај државното беше развиорено и она со сонцето од Кутлеш, како и транспарент со ликот на Гоце Делчев. 

По кратка програма, модераторите ја најавија кандидатката за претседател која изборната кампања ќе ја води под слоганот „Македонија повторно горда“. 

„Оваа година е година на АСНОМ, 80 години. АСНОМ, партизаните, беа инспирирани од првиот Илинден и човекот пред мене нашиот апостол Гоце Делчев и затоа влегоа во вториот Илинден. Е така се гради гордост. Тие беа спремни да умрат за Македонија за да ја направат гордна. Ние мора тоа да го почтиуваме, овој народ тоа го заслужува. Слушате како државници на многу големи држави држејчи ја раката на срцето велат дека се горди на својата држава, а зошто не би биле. Некои велат дека Господ ја благословил. Господ ја благословил Македонија штом ја има во Библијата на секоја страница“,

рече Силјановска-Давкова, почнувајќи го своето обраќање. 

Говорејќи во таа насока, таа рече дека за Македонија повторно да биде горда мора ги почитуваме темелните вредности на нашиот уставен поредок, кои како што кажа, се и европски вредности.  

Во тој контекст таа упати критики до актуелното државно раководство, кое како што кажа не ја заслужува гордоста бидејќи не ги почитува европските вредности, туку се крие зад нив.   

„Во било какви односи кон надвор и со држави поголеми од нас и со Европската Унија имаме обврска да потсетуваме на темелните вредности. Оти без нив нема демократија, ниту просперитет, ниту мир. Не се оди во Европа со реторика ЕУ, НАТО – НАТО, ЕУ, туку со практикување на темелните вредност. Само ако станеме нормална стандардна држава ќе бидеме во рамките на ЕУ. Замислете тие членството во ЕУ го замислуваат како качување во воз кој оди кон Брисел. Не, Брисел треба да дојде овде. Тие не спроведоа ништо од Копенхашките критериуми, но ние ќе го направиме тоа“,

порача Силјановска -Давкова. 

Од митингот на ВМРО-ДПМНЕ / Фото: Принтскрин

Таа посочи дека нема да прават компромис со вредностите, за разлика од нивните политички противници, кои како што рече го кажуваат она што другиот, посилниот сака да го чуе. 

„Ние го кажуваме она што го мислиме, не правиме компромис со вредности, немаме право на тоа, зашто така ја нагризуваме гордоста на Македонија“,

рече кандидатката за шеф на државата, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ.  

Говорејќи за целите за кои ќе се залага како претседател, Силјановска-Давкова рече дека првото што ќе го направи е дека ќе се врати кај граѓаните преку повторно отворање на народните канцеларии. 

„Имаше едне умен изум на еден претседател се викаше народна канцеларија, Одгворно тврдам дека ќе ги отворам за вас, да ве чујам, да ве прашам за совет“,  

рече таа.

Кажа дека ќе ја почитува владата. Некогаш ќе ја советува, а некогаш ќе ја критикува, но ќе соработува со неа и ќе укажува, но и ќе слуша укажувања.  

Во однос на надворешната политика, Силјановска-Давкова рече дека надвор нема да оди без изграден консензус за најважните државни и национални прашања. 

„Не се оди надвор во дуел, туку само во дуо. Ќе го почитувам Собранието, но ако увидам дека отстапува од Уставот и законите ќе побарам да се обратам, да предупредам, ако и тоа не врви ќе употебам вето. Нема да дозволам надвор да парадираат дипломати кои ја уриваат гордоста на Македонија, туку тоа ќе бидат најдобрите кадри“,

рече таа.  

Силјановска-Давкова со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и дел од раководството на партијата / Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Двајцата членови во Судскиот совет кои се избираат на предлог на претседателот на државата, рече дека ќе бидат најдобрите правници. 

„Моите предлози во Уставниот суд ќе личат на моите колеги, Џуно, Нетков, Старова, не на нивните партиски послушници кои ги употребија во процесот против народот“,

рече таа. 

Дел од нејзините заложби, рече, ќе биде и грижата за вооружените сили на државата, а во Советот за безбедност ќе именува тројца врвни познавачи на безбедносните прашања.  

„Се разбира ние сме веќе членка на НАТО и стандардите треба да се почитуваат, рече Силјановска-Давкова. 

Најавувајќи го лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Силјановска-Давкова кажа дека по претседателските избори доаѓаат парламентарните и оти се надева дека и таму ќе дојде до радикална промена, бидејќи имаат човек како Христијан Мицкоски, кој како што рече, е човекот за времето што доаѓа. 

„Роботиката е пред нас, а не она што го промовираат луѓето кои освен да се караат не умеат ништо да сторат. Јас сум за единство. Ќе ве престувавувам сите, без оглед на припадноста. Ќе се однесувам натпартиски ќе градам сојузи и консензуси за Македонија повторно да биде горда“,  

порача Силјановска-Давкова.

Следете не, не има насекаде

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Generated by Feedzy
mk_MK
mk_MK