септември 23, 2024

Министерката за култура апелира да не се шират шпекулации околу причините за избувнување на пожарот и за настанатата штета

Министерството за култура ги чека наодите од Јавното обвинителство, МВР и од Државниот инспекторат за труд во врска со пожарот што пред два дена избувна во Универзалната сала во Скопје. По завршување на истрагата за случајот, како што денеска изјави министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, реконструцијата ќе продолжи, а Универзалната сала ќе се изгради и им биде вратена на скопјани.

Бисера Костадиновска-Стојчевска, министерка за култура

Министерката апелира да не се шират шпекулации околу причините за пожарот и за настанатата штета.

„Едно сакам да ја уверам македонската јавност – дека после завршувањето на овој процес, градежните активности ќе продолжат, Универзалната сала ќе се изгради и ќе биде вратена на скопјани“,

рече Костадиновска-Стојчевска.

Министерката изрази жалење за настанатата ситуација со Универзалната сала, зашто, како што рече, Министерството две години било во процес на убедување на Градот Скопје за препознавање на важноста на објектот и тој да не биде оставен на забот на времето.

„Она што го предвидовме преку информацијата на Влада е дека финализацијата на реновирањето на објектот е крајот на 2027 година. Меѓутоа, се надевам дека тој процес ќе биде забрзан затоа што Универзална сала, како што кажуваме од самиот почеток, и тоа како е потребна“,

додаде Костадиновска-Стојчевска.

Еден ден по пожарот што во вторникот изутрина ја зафати Универзалната сала, вчера во објектот влегоа увидни екипи и јавен обвинител од скопското обвинителство кои започнаа со прибирање на докази неопходни за утврдување на причините за настанување на пожарот.

Универзалната сала во Скопје беше зафатена од голем пожар во вторникот наутро, нешто пред 10 часот.

Поврзани вести:

Следете не, не има насекаде

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Generated by Feedzy
mk_MK
mk_MK