ноември 22, 2024

Евроинтеграциите, изборните циклуси и регионалната соработка беа во фокусот на 2022 година. ЕУ приоритетите остануваат на агендата и за 2023, со надеж дека актуелните тензии нема да ја загрозат иднината на целиот регион.

Избори,нови влади, тензии и барикади. Помирувања и најави за Балкан без граници. Забрзана европска интеграција и ЕУ преговори. Едни започнати, други неизвесно дали ќе продолжат. Во ваква атмосфера мина 2022 година во земјите во Западен Балкан. Премрежијата од 2022 година во голема мера ги диктираат предизвиците за регионот и за 2023 година. Во продолжение потсетуваме на главните настани во годината што измина, како во делот на евроинтеграциите така и во меѓусоседските односи.

Преговори за Северна Македонија и Албанија

Северна Македонија и Албанија на 19 јули ја одржаа првата меѓувладина конференција со Европската унија. Албанија ги започна преговорите со ЕУ, додека за Северна Македонија ја отвори првата фаза од преговорите. Во тек е скринингот, а отворањето на поглавјата е условено со уставни измени и внесување на Бугарите во Уставот. Претходно Северна Македонија направи уште еден исчекор кон членството во Европската унија.

Од Албанија, Брисел очекува задржување на реформскиот курс особено во делот на правосудството и борбата против криминалот и корупцијата.

Кандидатски статус за БиХ, Косово аплицираше за ЕУ

На крајот на 2022, односно на 15 декември БиХ доби стимул за дополнителни реформи. Шефовите на држави или влади ја потврдија одлуката на Европската комисија и на земјата и доделија кандидатски статус.

Во декември Косово ја поднесе апликацијата за членство во Европската унија. Ова е несомнено еден од најважните настани за земјата не само во 2022 година. ЕУ е сега на потег. Ситуацијата е специфична. Косово се надева на европска перспектива, а земјата не е признаена од сите членки на Унијата.

Законски измени ја вратија Црна Гора чекор назад

Ако Северна Македонија, Албанија, БиХ и Косово напредуваа на патот до членство во ЕУ тоа не може да се каже за Црна Гора. Земјата се соочува со прекин на преговорите поради измените во законот за претседател со кои мнозинството му ги одзема ингеренциите на претседателот за определување на идниот мандатар за состав на новата влада. Тоа беше причина за масовни протести во Црна Гора.

Избори и старо – нови влади

Изминатата година на Балканот ја одбележаа и неколку изборни циклуси. За разлика од другите држави во Северна Македонија се случи смена на премиерската позиција и дојде нова влада без избори. Димитар Ковачевски на 17 јануари стана премиер по оставката на Зоран Заев.

Уште еден мандат за Брнабиќ

Србија доби нова Влада, повторно на чело со Ана Брнабиќ. Владата беше изгласана на 26 октомври, речиси седум месеци по општите избори во Србија кои се одржаа на 7 април. Актуелниот српски претседател Алкександар Вучиќ доби нов мандат, а неговата СНС победи и на парламентарните и на локалните избори.

Нови членови во претседателството на БиХ

На 2 октомври во Босна и Херцеговина се одржаа општи избори. Беше избран нов состав на Парламентарното Собрание на БиХ, Парламентот на федерацијата Босна и Херцеговина и Народното Собрание на Република Српска. За нови членови на претседателството на БиХ беа избрани Денис Бечировиќ, Жељка Цвијановиќ и Жељко Комшиќ. Милорад Додик повторно е избран за претседател на Република Српска.

Овие избори се одржаа според изборниот законик чии измени ги наметна високиот претставник за БиХ Кристијан Шмит.

Трета влада за една година во Црна Гора

За помалку од една година трета влада е на повидок во Црна Гора. Откако во февруари кабинетот на Здравко Кривокапиќ ја загуби поддршката на сцена стапи Дритан Абазовиќ. Тој состави влада која се задржа на власт нешто повеќе од 100 дена и сега државата функционира со привремена влада чекајќи ја новата со полн легитимитет.

Договорот кој го потпиша со Српската црква беше причина Абазовиќ да ја загуби поддршката за малцинската влада од партијата на претседателот Мило Ѓукановиќ. Новото парламентарно мнозинство неодамна побара мандат од претседателот Мило Ѓукановиќ за владата на новиот мандатар Миодраг Лекиќ.

Отворен Балкан и Берлински процес

Отворени граници, побрз проток на стоки и услуги, олеснети царински процедури. Овие придобивки треба да ги донесат Отворен Балкан и Берлинскиот процес. Две иницијативи со слични цели. Со таа разлика што зад Берлинскиот процес стои ЕУ и особено Германија и во неа членуваат сите земји од Западен Балкан, додека во Отворен Балкан ефективно функционираат Северна Македонија, Албанија и Србија.

Од договорите за минување на сите граници меѓу земјите од Западен Балкан со лична карта, признавање на универзитетските дипломи и стручни квалификации и единствена работна дозвола резултатите допрва се очекуваат.

Мирно, но тензично во Косово

Кон крајот на годината почнаа да зовриваат страстите на Косово. Српските претставници на почетокот на ноември ги напуштија сите косовски институции поради одлуката на Владата на Косово за задолжителна пререгистрација на возилата од старите, кои ги издаваше Србија, на таблички со ознаката РКС. Таа одлука е одложена на неодредено време поради големите тензии на северот на Косово и опасноста од ескалација на ситуацијата.

Србите подоцна поставија и барикади на патиштата на северот на Косово. Тие на овој начин реагираа против апсењето на поранешниот полицаец Дејан Пантиќ. Барикади имаше на патниот правец од Косовска Митровица до Звечани и на подрачјето од Лепосавиќ до Зубин Поток. Косовската полиција потоа за пешаци ги затвори граничните премини Јариње и Брњак. Одлуката за отстранување на барикадите од патиштата е донесена на крајот на годината по разговорот меѓу претставниците на косовските Срби и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, одржан во Рашка, српско гратче недалеку од границата со Косово.

Помирување СПЦ-МПЦ ОА

По половина век, во јуни 2022 дојде до помирување меѓу Српската православна црква и Македонската православна црква Охридска архиепископија. СПЦ и предаде томос на МОЦ во Скопје. Претходно во Белград и Скопје двете цркви одржаа заеднички литургии.

TRT Balkan

Следете не, не има насекаде

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

mk_MK
mk_MK