ноември 22, 2024

Пред многубројната публика во Музејот на македонската борба за самостојност во Скопје се одржа авторска вечер на црногорскиот поет, книжевник и сестран интектуален деец Владан Лаловиќ. Во рамките на авторската вечер беше промовирана и неговата книга хаику поезија „Светот што лебди“. Книгата е тројазична и содржи 120 хаику песни на црногорски, македонски и англиски јазик. Препевот е на проф. Даниела Штерјова.

Настанот го модерираше Катерина Митковска, претседател на Здружението на просветни работници на град Скопје, додека за ликот и богатото и разновидно творештво на авторот говореше проф. д-р Виолета Ачкоска. Таа во своето обраќање истакна: „Владан Лаловиќ е црногорски поет, есеист, публицист и научен работник, чија поезија има универзални и вонвременски дострели. Тој е вдаховен автор, кој трага по смисолот на човековото постоење во исконската борба за достигање на слобода и високи естетски вредности. Низ неговите песни се прелеваат акварелите на Бока Которска, на гордиот Ловќен, на мирисот на чемпресот, на грмотевиците и смирувањето, на копнежот за чистота, убавина, духовност, искреност, емпатија. Неговите стихови пленат со длабока промисленост и ја исполнуваат душата“.

На настанот свој настап имаше и музичкиот ансамбл „Вања Лазарова“ со сплет црногорски и македонски композиции.

Владан Лаловиќ го стекнал своето образование во Котор, Подгорица и Загреб. Магистрирал на Правниот факултет на Универзитетот на Црна Гора, а докторските студии по медиевистика ги посетувал на Филозофскиот факултет на Свеучилиштето во Загреб. Објавува голем на број на книги, научни трудови, поезија, есеи и написи во весници, часописи и портали за наука и култура од регионот и во странство. Уредник е и рецензент на голем број на научни трудови и литературни изданија. Неговата поезија е застапена во четири светски антологии, како и во повеќе антологии од регионот. Истата е преведувана на англиски, италијански, бугарски, турски и македонски јазик. Добитник е на меѓународни награди и посебни признанија кои се доделуваат во Италија, под покровителство на светскиот поетски директориум на UNESCO.

Објавувањето на книгата „Светот што лебди“ е подржано со средства од Секретаријатот за култура и спорт на Главен град Подгорица, врз основа на Одлука за суфинансирање на проекти од областа на културата за 2023 година.

Следете не, не има насекаде

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

mk_MK
mk_MK