Македонскиот атлетичар Дарио Ивановски победи на главната трка на 21 километар на 8. издание на Атлетскиот викенд „Охрид трчаТ“, што се одржа денеска низ улиците на Охрид.
Дарио полумаратонот го истрча за 1 час 10 минути и 1 секунда. На второто и третото место се пласираа атлетичарите од Бугарија Михаил Валковски (1:14:00ч.) и Николај Николов (1:15:44).
Победникот Ивановски покрај парична награда од 300 евра од Општина Охрид доби ваучер за десетдневни подготовки во Охрид пред настапот на Европското првенство и Олимпијадата, што ќе се одржат ова лето.
Најдобар резултат во женска конкуренција во трката на 21 километар оствари Милјана Ристиќ со резултат 1:30:01 ч., Јована Шубатлија од Србија заврши втора(1:30:40ч.), а трета финишираше Фросина Михајловска (1:31:35ч.).
Во трката на 5 километри победи Мирослав Спасов од Бугарија со време 18:11 минути, пред тркачите од Македонија Александар Арсов (19: 16м.) и Ријат Шеипи (19:32м.).
Во женска конкуренција на 5 километри најбрза беше Емили Иваноска од Македонија со време 24:25 минути, пред сонародничката Дарија Крстевска (24:28м.) и Весела Панчева од Бугарија (25:21м.).
Во штафетната трка на 21 километар најбрза беше екипата на Делта од Скопје, Македонија со време 1:15:55 часа, пред АК Аеродром (1:33:08ч.) и Стребениотес1 од Грција (1:34:02).
Наградите на најдобрите атлетичари им ги врачија претседателката на Македонија Гордана Сиљановска Давкова и градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков.
На „Охрид трчаТ“ оваа година учество зедоа рекордни 2200 натпреварувачи од 31 земја. За организацијата и безбедноста на настанот кој мина во одлична атмосфера се погрижија 500 волонтери и припадници на полицијата.
The post Дарио Ивановски победник на 8. Издание на “Охрид трчат“ appeared first on info.mk.
Следете не, не има насекаде