ноември 22, 2024

Вчера, по втор пат се одржа Фестивалот за домување во паркот на Франкофонија во организација на Фондацијата Фридрих Еберт – канцеларија Скопје и Организацијата за домување и станари.

На овој фестивал, учество зедоа експерти од Шведска, Германија, Белгија и Меѓународната унија на станари кадешто дискутираа за унапредувањето на домувањето во Северна Македонија и се отворија прашања поврзани со домувањето и потребите на младите, пристапно и достапно домување, родовата перспектива во домувањето, правата на потстанарите, безбедноста и сигурноста во домувањето, одржливото домување, граѓанското учество во донесувањето одлуки и за многу други важни теми.

Во изјава за медиумите, проектната менаџерка во ФЕС Ивана Вучкова потенцираше дека најголем дел од станарите не се регуларно пријавени и заради тоа најчесто се соочуваат со предизвици како ненајавено поскапување на становите.

„Треба навистина да се пристапи кон соодветно регулирање на секторот, поголеми контроли, инспектори, нешто што кај нас за жал отсуствува. Меѓународната унија на станари се бори за максимална цена на домувањето до 25 проценти од расположливиот доход на граѓаните, а ние кај нас знаеме дека во добри услови надминува и 70%“, истакна Вучкова.

Претседателката на ОДС Маја Сталеска информираше дека недостасуваат регулирања на договорите за закуп, а потребно е закупувачите повеќе да се мотивираат.

„Исто така, особено е важно закупувачите да ги пријавуваат договорите, со цел сигурност на двете страни. ОДС се застапува да се заштитат правата на потстанарите. Доколку една цена е објавена 300 евра за некој стан, потребно е на таа цена да се пријави данок, а не дополнително да се накачува цената на станот, на терет на потстанарот кога станува збор за данокот“, рече Сталеска.

Претставничката на Меѓународната унија на станари Барбара Стенберген изјави дека секој граѓанин мора да има право на избор каде ќе живее, или во сопствен или во изнајмен стан.  

„Ова мора да биде поддржано од земјата. Начинот на домување мора да биде различен, затоа што луѓето имаат различни потреби“, посочи Стенберген.

Дан Никандер од Меѓународната унија на станари рече дека пристапното домување е проблем насекаде низ светот.

„Можам да кажам дека е еден вид на глобална криза. И во поразвиените и во понеразвиените земји е тешко да се најде соодветно место за живеење. Тоа е проблем со кој ќе се бориме во иднина“, истакна Никандер.

На вториот фестивал се одржаа три тематски работилници кадешто учество исто така зедоа и Бени Бенџовски од Шведска унија на станари, Магдалена Спасовска од ТАКТ, Маргерита Маринели од Домување Европа, Алисија Смедберг од Шведска унија на станари, Ива Петрунова Урбан социолог и архитект, Билјана Дуковска од Платформа против сиромаштија, како и Маја Ацевска од Кризен центар Надеж.

Следете не, не има насекаде

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

mk_MK
mk_MK